Локацијата Парк плејс е на два блока од „граунд зиро“ каде некогаш се издигаа облакодерите-близнаци на Светскиот трговски центар. Таму група муслимани купи имот и сака да изгради исламски центар што покрај аудиториум и пливачки базен, вклучува и џамија.
Овој демонстрант ги предупредува минувачите на нов напад од муслимански терористи врз Америка. Некои дури исковаа и термин – „граунд зиро џамија“.
Рита Балмина, уметничка и имигрант од Украина, била во Парк Плејс за време на нападите 2001-вата. Верува дека биле извршени по знамето на исламот. Го уважува правото муслиманите да изградат џамија каде и да е во САД, но не и толку близу до местото што за многумина Американци е свето.
„Стравувам дека џамија изградена на ова место ќе стане симбол на оние кои го извршија нападот - не сакам ни да ги наречам луѓе. Оние кои би доаѓале да се молат тука би можеле да бидат симпатизери на нивните екстремистички погледи“, вели Балмина.
Жител на Њујорк разгласува стихови од Коранот во знак на поддршка за џамијата. Го брани уставното право на Американците на слобода на вероисповед. Исто мисли и сограѓанинот Мет Скај:
„Како и сите, сочувствувам поради загинатите, но тоа не значи дека треба да ги уништуваме вредностите на нашата земја. Кога испраќаме војници да гинат, тие се борат за нашите слободи: на вероисповед, на печат, на говор. Оние против исламскиот центар во основа се против слободата на вероисповед“.
Мнозинство на оние кои живеат околу граунд зиро ја поддржуваат изградбата на исламски центар, иако мнозинството Американци на национално ниво се против. Неодамнешна анкета во Њујорк укажува дека повеќето противници уважуваат дека центарот е во согласност со Уставот, без оглед што се противат на неговата изградба.