Линкови за пристапност

Нема притвор за осомничените во упадот во Контрола за летање


Функционерот на ДУИ и Беким Незири и останатите осомничени ќе останат без пасошите. Обвинителството ги товареше за загрозување на воздушниот сообраќај за кое минималната затворска казна е пет години. Упадот и нападот во М-НАВ е извршен во моментот кога на небото имало 28 авиони

СКОПЈЕ - Судија на претходна постапка во скопскиот Кривчен суд доцна синоќа им одреди мерки на претпазливост на четворицата осомничени за упадот во зградата на Контрола на летање на скопскиот меѓународен аеродром во моментот кога контролорите на летање воделе 28 лета на воздухоплови на небото над Македонија а два од нив биле авиони на НАТО упатени да слетаат во Скопје.

Нејасно е дали функционерот на ДУИ Беким Незири кој е советник на извршниот директор во М-НАВ и кој го предводеше упадот и нападот смее да оди во М-НАВ каде е вработен .

„Судот донесе решенија со кои на сите четири лица им се опредлуваат мерки за претпазливост. Согласно член 146 ст.1 од ЗКП на осомничените им се определува: Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетниот како и меѓусебна комуникација“, се вели во соопштението на Кривичен. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред кривичниот совет на овој суд.

Обвинителството пак ги гонеше Незири и останатите осомничени за „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“, според член 303 став 2, дело за кое минималната затворска казна е пет години и бараше притвор.

„ Осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот.Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години. Јавниот обвинител, ценејќи дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, можност осомничените да влијаат врз постапката или да го повторат делото, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за четворица осомничени кои се лишени од слобода, додека по останатите четворица се трага“, соопштија од Обвнителството пред приведените осомничени да бидат спроведени во Кривичниот суд.

Според МВР, инцидентот се случи во четвортокот во 15.15 часот кога седум лица, предводени од функционерот на ДУИ, Незири, нападнале контролор на летање.

Лице од обезбедувањето во зградата на М-НАВ им наредило на приватното обезбедување да ги кренат рампите за да оже да влезат возилата со напаѓачите во кругот на објектот на Контролата на летање на скопскиот меѓународен аеродром а потоа заедно со Незири се пуштиле во потрага по контролорот чија единствена вина била што го поддржал протестот на колегите.

Четворица напаѓачи, меу кои е и сопруг на вработена во М-НАВ, се во бегство.

XS
SM
MD
LG