Линкови за пристапност

Го затвораме македонското небо од среда, ако Владата не ги разреши директорите, категорични од Контролата на летање


Александар Тасевски, Претседател на синдикатот на котролорите на летање
Александар Тасевски, Претседател на синдикатот на котролорите на летање

Ако не ги разрешат директорите, едноставно остануваме на тоа дека ќе го затвориме воздушниот простор. Дефинитивно немаме друга опција, освен да го затвориме небото од среда натаму, пред сè заради безбедноста на патниците, вели Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на Контролата за летање

Затворање на македонскиот воздушен простор од среда, 10 јануари, најави првиот синдикалец на Контролорите за летање, Александар Тасевски.

Тој во изјава за Гласот на Америка рече дека условите се или директорите на М-НАВ да си дадат самите оставки, или, пак Владата да ги разреши на наредната седница, која треба да се одржи во вторник, 9 јануари.

„Остануваме на ставот дека прво треба директорите самите да дадат оставка, од морални причини доколку воопшто покажат дека има некаква доблест во нив. Доколку не го направат тоа, Владата да ги разреши на наредната седница да направи соодветен конкурс каде што ќе се овозможи пријавување на кадар и каде што ќе се изврши некаква нормална селекција“, рече Тасевски.

М-НАВ, Контрола на летање
М-НАВ, Контрола на летање

Тој додаде дека немаат друга опција, освен да ја применат мерката затворање на воздушниот простор за авионскиот сообраќај на македонското небо.

Дефинитивно немаме друга опција, освен да го затвориме небото од среда натаму, сè додека не се исполнат тие наши барања
Александар Тасевски

„Ако не ги разрешат директорите, едноставно остануваме на тоа дека ќе го затвориме воздушниот простор. Дефинитивно немаме друга опција, освен да го затвориме небото од среда натаму, сè додека не се исполнат тие наши барања“, посочува Тасевски.

Синдикалецот на контролорите рече дека тоа го прават заради безбедност на патниците.

„Не поради наши хирови, не поради некакви социјални барања туку за да се даде максимален притисок да се задржи безбедноста на секој патник којшто ги користи услугите на воздухопловството во нашата држава“, посочи Тасевски.

Претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди денеска одржа пресконференција на која не се изјасни дека самиот ќе поднесе оставка, туку дека остава Владата да го одлучи тоа.

М-НАВ, Контрола на летање
М-НАВ, Контрола на летање

Вчерашниот упад на група лица во зградата на Контрола на летање, Хамиди го опиша како „немил настан“.

„Тоа било мало кошкање. Кошкање има во секоја фирма”, истакна Хамиди.

Од Владата вчера соопштија дека на редовната седница во вторник ќе се разговара за разрешување на целото раководство и сите членови на Управниот одбор на М-НАВ. Воедно најавија отворање итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес.

Додадоа и дека премиерот Димитар Ковачевски ќе го повика Јавното обвинителство, Комосијата за спречување корупција, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авио-сообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.

XS
SM
MD
LG