СКОПЈЕ – Бесим Незири, советник во М-НАВ и координатор на партијата ДУИ во скопски Чаир, е на распит во Обвинителството и ќе биде изведен пред судија на претходна постапка со уште неколку лица кои вчера попладне упаднаа во зградата на Контрола на летање на скопскиот меѓународен аеродром. Засега не е познато со каква квалификација на делото односно кривична пријава ќе оди МВР за Незири и останатите учесници во упадот во М-НАВ и нападот на контролори на летање кое ја шокираше домашната јавност.
Според правните експерти, делото може да се квалификува како загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај која е опфатена со член 303 став 2 а за кое е предвидена казна од најмалку пет години затвор.
МВР соопшти дека упадот во зградата на контролата на летање се случил во 15.15 часот а апликацијата „Флајтрадар“ покажува дека во тој период на македонското небо имало неколку авиони во прелет, еден кој бил во приод кон скопскиот аеродром и еден кој требало да полета кон Турција.
Според информациите на „Гласот на Америка“ финансиската полиција во вторник влегува во М-НАВ за да го испитува работењето во државната компанија. Ќе се чешла документацијата за финансиското работење, посебен акцент ќе биде ставен на процесот на вработувања во компанијата во изминатите неколку години како и јавните набавки а ќе се испитува и финансиското работење на синдикалната организација во М-НАВ.
„Кошкање меѓу колеги“
Раководството на М-НАВ нема да даде оставки како што побара Синдикатот и Владата. Сметаат дека се успешни во работењето, ја издигнале компанијата на сериозно ниво и со контра обвинувања на сметка на синдикалниот лидер Александар Тасевски, ширел демагогии и имал лукративни побуди. Упадот во зградата на контролата на летање на скопскиот аеродром, извршниот директорот Фахрудин Хамиди, не го спомна во обраќањето на прес конференцијата а кога беше прашан од новинарите го оквалификува како „кошкање меѓу колеги“.
Информациите дека службени лица од М-НАВ, вработени како обезбедување, им наредиле на вработените во приватна компанија за обезбедување која го регулира влезот во кругот на зградата да ги дигнат рамите за да ги пропуштат возилата со напаѓачите и потоа со своите службени картички им ги отвориле вратите од зграда одби да ги коментира.
„ Тој кажува за непотизам и за партиски вработувања само заради дефокусирање на јавноста. Тој е непотизам самиот, неговиот татко беше началник, тогаш беше примен и тој, истовремено и брат му работи како контролор.Се случил еден немил настан и тоа не смеело да се случи, но се работи за конфликт помеѓу двајца колеги кои се знаат 20 години и заедно биле на школување. Има кошкања во секоја организација. Лицата се вработени во М-НАВ во тоа што се случило. Во интерес на истрагата не сакам да навлегувам понатака. Имаме закажан Комитет за безбедност во нашата компанија“, изјави Фахрудин Хамиди, извршен директор во М-НАВ.
Тим од Агенцијата за цивилно воздухопловство утрово изврши вонреден надзор во М-НАВ во кој е утврдено дека безбедноста на воздушниот сообраќај не била загорена но била загрозена безбедноста на објектот на Контролата за летање на скопскиот аеродром.
„ Не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Евидентно е дека има пропусти во системот за физичко обезбедување за контролата за пристапот и околу тоа по завршувањето на процедурата околу записниците ќе бидат доставени во М-НАВ. Постои план за колективни мерки соодветни санкции, лоцирање на одговорноста и санкции кон одговорните лица“, изјави Томислав Тунтев, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Осуди за инцидентот и барања за одговорност
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, е децидна дека безбедноста на воздушниот сообраќај не била загорозена но нагласи дека одговорност мора да има.
„ Ќе предложиме разрешување на директорите и Управниот одбор на М-НАВ на следната седница на Владата. Тоа е заради тоа што сакаме да ја испратиме пораката дека компромис со безбедноста на патниците и безбедноста на македонското небо нема да има и не смее да има. истовремено ги повикуваме и политичките партии и политичките движења во нашата држава, да не ги користат и да не ги злоупотребуваат ниту вработувањата, ниту вработените во оваа институција за остварување на својата лична агенда. она што е најважно за граѓаните и за јавноста е дека авиосообраќајот во Северна Македонија е безбеден и се одвива согласно правилата на „Еуроконтрол“, изјави Петровска за телевизија „Телма“.
Претседателот Стево Пендаровски со остра осуда за инцидентот во М-НАВ и барање за разрешување на раководството.
„ Претседателот Стево Пендаровски одлучно го осудува насилничкото однесување во М-НАВ од страна на вработени во таа инстутиција и други лица кои неовластено влегле во нивните простории. Истовремено ја поддржува иницијативата на Владата со која е најавена целосна смена на сите раководни структури во М-НАВ кои се директно одговорни за настанатата состојба во институцијата, а чија работа е од суштинско значење за безбедно одвивање на воздушниот сообраќај. МВР, исто така, има целосна поддршка од претседателот Пендаровски во најкус можен рок да ги расчисти настаните кои се случија во М-НАВ, а имајќи предвид дека истите се случија во објект кој е дел од критичната инфраструктура во државата при квалификацијата на противправните дејствија треба да се земе в предвид потенцијалното загрозување на безбедноста во меѓународниот авионски сообраќај“, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот.
Од ДУИ каде пред половина година Бесим Незири, кој го води нападот врз контролорот на летање, го назначија за координатор на партискиот огранок во Чаир а претходно ги извршуваше функциите министер за економија и директор на ПИОМ се на став дека станува збор за несогласување меѓу колеги побараа ваквите инциденти да се третираат со најголема сериозност и да не се припишува на контото на партијата.
„ Демократската унија за интеграција силно ја осудува секоја форма на насилство. Безбедноста на сите граѓани е најважна за нас. Настаните во М-НАВ се вознемирувачки и од државните институции се третираат со најголема сериозност. Истражните органи мора одлучно да го расветлат случајот. Инцидентот кој се обидува неправедно да и се припише на ДУИ, е резултат на нарушени и заладени односи меѓу колегите во работната средина и нема никаква врска со политичко прашање, а уште помалку со ДУИ. Станува збор за несогласување меѓу колегите и во никој случај не треба неправедно да се меша партиска политика .Ја осудуваме тенденцијата за постојано мешање на партиите во секоја приватна секојдневна работа“, стои во партиското соопштение.
Од Синдикатот на контролорите на летање кои денеска беа примени од делегацијата на ЕУ соопштија дека ја имаат комплетната поддршка од Делегација како и од колегите од државите во регионот и во ЕУ и најавија дека остануваат на своето барање, разрешување на раководството во М-НАВ а во спротивно ќе почнат со штрајк на 10 јануари и блокада на воздушниот сообраќај.