Линкови за пристапност

САД ќе ја зголемат политичката и практична помош за Киев, рече Блинкен


Вашингтон е уверен дека Киев ќе продолжи да ја враќа својата земја окупирана од Русија, рече државниот секретар на САД
Вашингтон е уверен дека Киев ќе продолжи да ја враќа својата земја окупирана од Русија, рече државниот секретар на САД

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, за време на прес-конференцијата во Вашингтон денес, рече дека САД се решени да ја максимизираат својата поддршка за Украина за да може да успее на бојното поле.

„Силен“ пакет на политичка и практична поддршка за Украина, додаде Блинкен, може да се очекува и на претстојниот самит на НАТО во Вилнус.

Блинкен рече дека иако е прерано да се предвиди каде ќе оди контраофанзивата на Украина, Вашингтон е уверен дека Киев ќе продолжи да ја враќа својата земја окупирана од Русија.

Украина вели дека од почетокот на нејзината контраофанзива минатата недела, нејзините сили ослободиле седум села на југоисток.

Во своето ноќно видеообраќање во понеделникот, украинскиот претседател Володимир Зеленски го истакна напредокот на украинските сили за време на жестоки битки и покрај неповолното време.

„Силата на нашите воини сè уште дава резултати“, рече тој.

Зеленски им се заблагодари на сите „кои сега се во борба, на сите што ги поддржуваат нашите борбени бригади во соодветните области“.

Украински официјален претставник денес изјави дека трупите на земјата повторно ја презеле контролата врз Сторожов, село во регионот на Доњецк, како дел од контраофанзивата.

Заменик-министерката за одбрана Хана Малиар се заблагодари на морнаричката бригада во објава на Телеграм, велејќи дека украинското знаме се вее над Сторожов.

Таа рече дека сцената ќе се повтори во секоја област додека украинските сили не ја ослободат целата територија на Украина.

Развојот дојде еден ден откако украинските власти соопштија дека нивните војници повторно зазеле уште три села во областа.

Генералштабот на Украина денес соопшти дека во текот на изминатиот ден имало тешки борби на други места во Доњецк, вклучително и во Бахмут и во регионот Луганск.

Дел од информациите во текстот се од АП, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG