„Сега се прави проширување кое ќе ги опфати и постојните одредби со санкции кои ги воведуваат САД. Ние сите сакаме од сабајле да бидеме најголеми Американци, сите без исклучок, а попладне тоа што тие го прават ништо да не важи овде.“
Така премиерот ја објаснува иницијативата со која се предвидува промена во законот за рестриктивни мерки и негово проширување, освен со правните акти донесени од ОН или од ЕУ, и со акти донесени од американската администрација и од Обединетото Кралство. Поедноставено, назначувањето одредени лица или субјекти на некоја од „црните листи“ на Вашингтон или на Лондон ќе се смета за основа за ставање на овие лица или компании на домашниот список на санкции. Ваквиот чекор следи откако само во текот на минатата година неколку високопрофилирани бизнисмени и поранешни политичари како Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Рамиз Мерко, се најдоа на американската црна листа.
„Членството во НАТО не значи само ставање знаме пред државните институции, тоа значи и воведување стандарди, значи поголемо владеење на право. Ова е еден од тие делови. Овие измени ќе овозможат вклучување на лица носители на јавни функции кои во согласност со законите на овие држави се санкционирани и ќе се отвори простор за тие докази кои тие ги имаат бидат споделени со нашите институции за нашите државни органи да можат да носат соодветни одлуки“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Не се исклучува ова да биде едно од прашањата за кои ќе се зборува во текот на идната недела кога во земјава ќе допатува помошник-државниот секретар за европски и евразиски прашања на САД, Џејмс О`Брајан. Иако американската амбасада се уште официјално не го потврди неговото присуство на лидерскиот состанок на земјите од Западен Балкан што в понеделник ќе се одржи во Скопје, во поканата за акредитација на медиуми која владата ја испрати наведено е и името на О`Брајан.
Последен пат тој беше во Скопје на крајот на ноември минатата година за време на Министерскиот состанок на ОБСЕ кога го придружуваше државниот секретар Блинкен. Само една седмица подоцна Стејт департментот го назначи Кочо Анѓушев како непожелен за влез во САД поради „негова вмешаност во значајна корупција“.
Денеска О`Брајан се сретна шефот на државата Пендаровски за време на Светскиот економски форум во Давос.
„На средбата се разговараше за актуелните состојби поврзани со европските интеграции на Северна Македонија, за реформскиот процес, како и за политичките состојби во нашата држава и во регионот. На средбата беше реафирмирана поддршката на САД за европските аспирации на Северна Македонија, и беше изразено очекувањето од официјален Вашингтон дека државата ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија“, пишува во соопштението од кабинетот на претседателот.