Овој потфат не е само за изградба на филмско студио. Претставува конвергенција на уметноста, креативноста и економскиот раст, рече американскиот актер Џон Малкович кој денеска пред домашните медиуми во Скопје делумно ја појасни објавата од пред речиси една година за изградба на филмски студија во Скопје.
Малкович го именува проектот STP Stone Bridge Studios и рече дека истиот ќе помогне за развој на домашната економија, но и за ставање на земјава на мапата на светската филмска индустрија.
„Сите ја споделуваме визијата за поставување на Северна Македонија на глобалната сцена на филмската и музичката индустрија, покажувајќи ја нејзината убавина, нејзиниот талент и нејзиниот потенцијал“, рече Малкович, во чија чест денеска во винарницата „Камник“ се организира вечера со лица од домашниот бизнис и од политиката.
Американскиот актер додаде и дека во проектот се вклучил поради неговата поврзаност со Балканот.
„Моето партнерство во овој проект е мојот начин да се вратам, да придонесам за дел од светот кој на мене многу ми значи. Ќе изградиме наследство кое не само што ќе влијае на филмската индустрија, туку и ќе остави траен впечаток во срцата и умовите на сите кои ќе се сретнат со магијата на Северна Македонија и ќе ја променат иднината на оваа голема земја“, рече Малкович кој има потекло од Хрватска.
Според досегашните достапни информации, кратенката STP значи „Skopje Technology Park“. Зад проектот стои групацијата „STP Capital partners“ во која се вклучени лица од САД, од Србија, како и од земјава.
Истата таа групација, како што истакна Малкович, го поддржала и неговиот вчерашен настап на Охридско лето со претставата „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“.
Според податоците на интернет страницата на „STP Capital partners“ проектот е покомплексен. Го сочинуваат „Skopje Technology Park“ како еден проект и „Stone Bridge Studios“ како друг проект. „Скопје технолоџи парк“ (STP), според објаснувањата на интернет страницата, би опфатил изградба на комплекс со истражувачки, едукативни, трговски, како и сместувачки капацитети на подрачјето на Скопје. Додека филмските студија би опфаќале површина од 10 хектари со сцени за снимање видеа, звук, монтажа, канцеларии, паркинзи.
Групацијата изработила и промотивни видеа за проектот, при што во едно од нив се појавува и гласот на актерот Тони Михајловски.
Предлогот за изградба на бизнис комплексот и филмските студија бил доставен до Владата, од каде се бара поддршка за проектот како за стратешка инвестиција. Од македонската влада лани рекоа дека ќе го разгледаат предлогот. Дел од владините претставници во парцијални изјави за медиуми истакнаа дека проектот ќе се разгледува.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, имаше изјава и дека нема основа проектот да биде прифатен како стратешка инвестиција.
Официјално соопштение до јавноста за конечниот владин став во однос на овој проект засега не е објавено.