Линкови за пристапност

Не дозволувајте Путин да победи, им рече Бајден на републиканците


Бајден зборуваше додека САД планираат да објават 175 милиони долари дополнителна помош за Украина
Бајден зборуваше додека САД планираат да објават 175 милиони долари дополнителна помош за Украина

Американскиот претседател Џо Бајден ги замоли републиканците за нова воена помош за Украина денес, предупредувајќи дека победата на Русија над Украина ќе ја остави Москва во позиција да ги напаѓа сојузниците на НАТО и може да ги вовлече САД во војна.

Бајден зборуваше додека САД планираат да објават 175 милиони долари дополнителна помош за Украина.

Тој сигнализираше подготвеност да се направат значителни промени во имиграциската политика на САД долж границата со Мексико за да се обиде да привлече поддршка од републиканците.

„Ако Путин ја земе Украина, нема да застане тука“, рече Бајден.

Путин ќе нападне сојузник во НАТО, предвиде тој, а потоа „ќе имаме нешто што не го бараме и што го немаме денес: американски војници да се борат против руските војници“, рече Бајден.

„Не можеме да дозволиме Путин да победи“, рече тој.

Белата куќа оваа недела предупреди дека на САД им снемува време и пари да ѝ помогнат на Украина да ја одбие руската инвазија.

До средината на ноември, Одделот за одбрана искористи 97% од 62,3 милијарди американски долари во дополнителното финансирање што го доби, а Стејт департментот ги искористи сите 4,7 милијарди долари за воена помош што беа доделени, рече оваа недела директорката за буџет Шаланда Јанг.

Американски официјален претставник рече дека САД имаат помалку од една милијарда долари во „овластување за надополнување“.

Ова значи дека ако Конгресот не обезбеди нови средства за купување опрема за замена, САД, Украина и производителите на оружје може да бидат принудени да преземат други чекори за пополнување на залихите.

Безбедноста на границата со Мексико е главното прашање што тежи на преговорите за финансирање на Украина и Израел.

Бајден рече дека е подготвен да направи „значајни“ компромиси за граничното прашање, но рече дека републиканците нема да добијат сè што сакаат. Тој не соопшти детали.

Бајден, кој разговараше за Украина на виртуелен самит со лидерите на Г7 претходно денес, рече дека сојузниците на САД се подготвени да продолжат да ја поддржуваат Украина во нејзината 22-месечна војна за да се одвратат руските напаѓачи.

XS
SM
MD
LG