Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се појави денес на виртуелен состанок на лидерите од Групата седум водечки индустријализирани земји.
Зеленски ќе има можност да ги информира лидерите за ситуацијата во Украина речиси две години по руската инвазија која поттикна десетици земји ширум светот да обезбедат воена и хуманитарна поддршка за украинската страна.
Состанокот доаѓа еден ден откако Зеленски го откажа видео појавувањето со членовите на американскиот Сенат каде се очекуваше да разговара за воена поддршка.
„Нешто се случи во последен момент на нашиот брифинг и Зеленски не се појави“, рече лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер на прес-конференција.
Шумер рече дека Зеленски бил поканет да зборува преку видео на доверлив брифинг за да можат оние на состанокот „директно да слушнат од него што точно е во прашање“ и да им помогнат на американските законодавци да гласаат за нацрт-законот што вклучува милијарди долари нова помош за Украина.
Директорката на Канцеларијата за менаџмент и буџет Шаланда Јанг во понеделникот предупреди во писмо до конгресните лидери дека до крајот на годината, Соединетите држави повеќе нема да имаат средства за испраќање оружје и помош за Украина.
Во октомври, администрацијата на Бајден побара од Конгресот речиси 106 милијарди долари за финансирање на амбициозните планови за Украина, Израел и безбедноста на границите на САД.
Но, финансирањето на Украина стана политички контроверзно, при што некои десничарски пратеници во Претставничкиот дом, контролиран од републиканците, се противат на понатамошната помош, тврдејќи дека помошта не е во интерес на САД.
Воздухопловните сили на Украина денеска соопштија дека Русија нападнала во текот на ноќта со 48 беспилотни летала, при што украинската противвоздушна одбрана соборила 41 од нив.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.