Линкови за пристапност

Махафи: Комплицирано е, но ќе стигнеме на Марс


Директорот на Одделот за истражување на Сончевиот систем во Центарот за вселенски летови Годард при НАСА, за Гласот на Америка на македонски, зборува за идните планови и актуелните мисии на Агенцијата.

Сенатската Комисија за трговија, наука и транспорт за НАСА одобри 19,5 милијарди долари за 2017-та, средства што би биле наменети за мисијата за испраќање човечки екипаж на Марс до средината на 2030-те години. Предлог-законот, што се очекува во Сенатот да мине без проблеми, ќе значи и продолжување на програмата за испраќање астронаути на приватни ракети кон Меѓународната вселенска станица, од територија на САД, и не подоцна од 2018-та.

Истражувањата на Марс започнале уште од раните 60-ти години, а д-р Пол Махафи, директор на Одделот за истражување на Сончевиот систем во Центарот за вселенски летови Годард при НАСА, ги елаборираше бројните анализи на примероците од планетата, од перспектива на „Кјуриозити“, еден од двата активни ровера на агенцијата, кој по 8-месечно патување, на Марс пристигна во 2012-та.

„Истражуваме древен терен којшто порано бил многу различен, а на дното имало езеро, со основни елементи за живот на микроби, вода, хранливи состојки, извори на енергија. Немаме докази дека имало живот, но имаме докази дека постоеле услови за живот“, вели тој.

„Присуството на метан во атмосферата на Марс е од особена важност“, додава Махафи. „На Земјата голем дел од метанот потекнува од живот, од микроби. Без оглед дали тој е добиен по биолошки пат или не, можно е процесот да се случувал одамна, но може да се одвива и сега, длабоко под површината на планетата. Вложуваме огромни напори да дознаеме зошто има повремени и ненадејни ерупции на нивото на метанот“.

Хемиските и изотопски мерења на почвата и некогаш подебелата атмосферска обвивка на Марс, се вршат преку роботот-детектив „SAM“ што е кратенка за Анализа на примероци на Марс. Во просторијата каде го правевме интервјуто има прототип на мошне сложената лабораторија која се наоѓа на „Кјуриозити“, како и комора, која ги симулира истите услови на планетата.

„Функционира беспрекорно. Можеме да ја ‘помирисаме’ атмосферата на Марс. Откривме одредени органски компоненти кои можат да опстојат во мошне тешките услови на Марс“, изјави Махафи.

„Кјуриозити” добива команди секое утро, испраќа „селфи“ и досега има поминато преку 13 километри. Податоците ги праќа преку два сателита. Во орбитата на Марс има вкупно пет активни сателити, од кои три се на САД, еден на Русија, еден на Индија, и сите вршат слични научни истражувања.

НАСА неодамна ја продолжи мисијата на роверот за уште две години, а еве што ќе биде главниот фокус:

„На подножјето на планината ‘Шарп’ идентификувавме слоеви од глина. Имаме докази дека некогаш таму имало езеро. Ќе ги најдеме тие слоеви и другите минерали. Ќе продолжиме со ископувањата за да го дознаеме древното минато на Марс. Се чини дека правејќи го тоа, ја читаме книгата на историјата на Црвената планета“, истакна Махафи.

Претставникот на НАСА говори и за реалната слика за испраќање на првиот човечки екипаж.

„Според актуелниот план на НАСА - почетокот на 2030-те. Можеби отпрвин луѓето ќе може да се кружат околу Марс или да слетаат на ‘Фобос’, една од неговите месечини. Најдоброто сценарио, доцните 2030-ти години. Мошне е комплицирано, но работиме тоа да стане реалност. Можеби некои од денешните средношколци ќе бидат првите кои ќе стапнат на површината на Марс“, потенцираше Махафи.

На филмот „Марсовец” Махафи се осврна со голем ентузијазам:

„Спектакуларен беше. Нашата и слични мисии во светот, е да испратиме човечки екипаж на Марс, бидејќи секако, луѓето би истражувале поинаку од роботите. Филмот ни` долови колку тоа би било тешко да се изведе. На крајот, сепак, ќе стигнеме таму, а остварувањето беше своевидно ‘загревање’ за овој потенцијално неверојатен подвиг“.

НАСА за 2018-та најави дека ќе започне нова мисија на Црвената планета, наречена „Инсајт“.

XS
SM
MD
LG