Линкови за пристапност

Напредок во разговорите меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот, соопштија официјални лица


Израелски војник седи на врвот на тенк во камп во близина на границата меѓу Израел и Газа, во Израел, 12 јануари 2025 година
Израелски војник седи на врвот на тенк во камп во близина на границата меѓу Израел и Газа, во Израел, 12 јануари 2025 година

Посредниците кои работат на обезбедување прекин на огнот меѓу Израел и Хамас постигнаа чекор напред кон договор во текот на ноќта, изјавија денес официјални лица запознаени со разговорите.

Месечните преговори предводени од САД, Египет и Катар не успеаја да ги запрат борбите, но во последниве недели напорите добија на интензитет во време кога САД се подготвуваат да поминат низ промена во своето лидерство.

Луѓето запознаени со разговорите рекоа дека нацрт-договорот е во рацете на Израел и Хамас за разгледување од нивните лидери.

Се верува дека општата рамка за договорот вклучува прекин на огнот, ослободување на заложниците кои сè уште ги држи Хамас, ослободување на палестинските затвореници држени од Израел и зголемена хуманитарна помош за палестинските цивили во појасот Газа.

Советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден, Џејк Саливан, во неделата за Си-Ен-Ен изјави дека страните се „многу, многу блиску“ до постигнување договор за запирање на повеќе од 15 месеци борби во Газа и ослободување на преостанатите 98 заложници, при што се верува дека две третини од нив се живи.

„Сè уште сме решени да го искористиме секој ден што го имаме на функцијата за да го направиме ова“, рече Саливан.

Бајден во неделата разговараше со Нетанјаху за тековните преговори. Белата куќа објави соопштение подоцна во неделата, во кое се вели дека двајцата лидери разговарале за договор за прекин на огнот и ослободување заложници врз основа на рамката која беше едногласно одобрена од Советот за безбедност на ОН минатата година.

Бајден разговараше за „променетите регионални околности по договорот за прекин на огнот во Либан, падот на режимот на Асад во Сирија и слабеењето на моќта на Иран во регионот“, се вели во соопштението.

Истакна „итна потреба за прекин на огнот во Газа и враќање на заложниците со зголемена хуманитарна помош овозможена со прекин на борбите според договорот“.

Во соопштението се вели дека Нетанјаху му се заблагодарил на Бајден „за неговата поддршка на Израел и за извонредната поддршка од САД за безбедноста и националната одбрана на Израел“.

Саливан рече дека сè уште има шанса да се постигне договор пред Бајден да ја напушти функцијата на 20 јануари, но не и сигурно, велејќи дека „особено Хамас останува непопустлив“.

Израел го започна својот напад врз Хамас во Газа откако борците на Хамас упаднаа преку неговите граници на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.

Оттогаш, повеќе од 46.500 луѓе се убиени во Газа, од кои повеќето жени и деца, според палестинските здравствени власти, иако Израел вели дека бројот на загинати вклучува илјадници борци на Хамас што ги уби.

Поголемиот дел од Газа, тесен појас на земја покрај Средоземното Море, е уништен за време на борбите и зафатен од хуманитарна криза, при што повеќето од 2,3 милиони жители се раселени, честопати повеќекратно.

Пратеникот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток Стив Виткоф, се сретна во саботата со Нетанјаху, откако во петокот се сретна со катарскиот премиер.

Не е јасно како Израел и Хамас ќе ја премостат една од најголемите празнини што опстојуваше во текот на претходните рунди разговори: Хамас бара крај на војната додека Израел вели дека нема да ја заврши војната се` додека Хамас владее со Газа и претставува закана на Израелците.

Дописничката на Гласот на Америка од Белата куќа Петси Видакусвара придонесе за овој текст. Некои информации се од АП, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG