Линкови за пристапност

Нападите против правото на жената да одлучува за своето тело се срамни, кажа Камала Харис


Канцеларијата на потпретседателката соопшти дека ова е првпат еден од двајцата водечки американски лидери некогаш да посети клиника за абортуси
Канцеларијата на потпретседателката соопшти дека ова е првпат еден од двајцата водечки американски лидери некогаш да посети клиника за абортуси

Потпретседателката на САД Камала Харис посети клиника која врши абортуси во сојузната држава Минесота, во знак на поддршка на репродуктивните права на жените.

Нејзината канцеларија соопшти дека тоа е првпат еден од двајцата водечки американски лидери некогаш да посети ваква медицинска установа.

Правото на абортус останува нестабилно прашање пред претседателските избори во ноември, во земја каде што вообичаено се вршат повеќе од 80.000 абортуси секој месец, дури и откако Врховниот суд на САД пред две години ја поништи пресудата стара речиси пет децении, со која беше загарантирано уставното право на жените на абортус.

Според различни студии, бројот на абортуси во САД е намален само незначително по пресудата, иако 14 од 50 сојузни држави во земјата ја забранија процедурата.

Наместо тоа, жените кои сакаат да ја прекинат бременоста во сојузните државите каде што тоа е нелегално, патувале во држави каде што абортусот е сè уште легален или набавиле лекови за да ја прекинат својата бременост дома.

Поранешниот претседател Доналд Трамп, наводниот републикански претседателски кандидат, често им се фали на своите поддржувачи дека назначил тројца конзервативни судии во Врховниот суд кои беа дел од мнозинството 6-3 што ја поништи одлуката „Роу против Вејд“ од 1973 година.

Некои републикански законодавци се залагаат за дополнителни ограничувања на абортусот, како што е ограничување на медицинските абортуси.

Камала Харис е најгласниот демократ во поддршката на правата за абортус, патувајќи во неколку сојузни држави додека води кампања за реизбор, заедно со претседателот Џо Бајден.

Таа ја нарече турнејата „Борба за репродуктивни слободи“.

„Во ова опкружување, овие напади против правото на поединецот да донесува одлуки за целото свое тело се срамота и во многу случаи се само неморални“, рече Харис во Минесота.

„Како се осмелуваат избраните лидери да веруваат дека се во подобра позиција да им кажат на жените што е во нивен најдобар интерес“.

Пред нејзината посета, дваесетина демонстранти се собраа надвор, држејќи знаци со пароли како „Животот е човеково право“, „Тие убиваат бебиња овде“ и „Вистинската војна против жените“.

Силно присуство на полиција и тајна служба ја опколи зградата во очекување на пристигнувањето на потпретседателката.

Додека Харис отворено ги поддржува правата за абортус, Бајден, католик, во извесна смисла беше повоздржан.

На своето обраќање за состојбата на нацијата пред Конгресот, Бајден рече дека ако гласачите изберат Конгрес кој го поддржува правото на избор, ќе го врати „Роу против Вејд“ како закон за целата држава.

XS
SM
MD
LG