Линкови за пристапност

Многу е важно да се одржи поддршката на САД за Украина, вели Летонија


САД вчера најавија нова воена помош за Украина во вредност од 300 милиони американски долари
САД вчера најавија нова воена помош за Украина во вредност од 300 милиони американски долари

Многу е важно да се одржи поддршката на САД за Украина, вели министерот за одбрана на Летонија Андрис Спрудс во интервју за украинската редакција на Гласот на Америка, откако САД вчера најавија нова воена помош за Украина во вредност од 300 милиони американски долари.

Ова е прва ваква најава од крајот на декември, во она што официјалните лица од одбраната го нарекоа „ад-хок“ пакет овозможен преку заштедите на американската Армија.

„Се разбира, исклучително е важно да се поддржи Украина, а Украина се бори за нејзината слобода, но и Украинците, кои се борат за вредностите на демократијата, за кредибилитетот на трансатлантската заедница, за меѓународниот поредок заснован на правила“, кажа тој, додавајќи дека има широка поддршка во Летонија за Украина.

Според него, „Украинците на многу начини се борат за нашата слобода, независност, суверенитет и се борат против империјалистичката диктатура. И затоа, се разбира, ние многу општествено, емоционално ја поддржуваме Украина, бидејќи сме поминале низ слични искуства соочувајќи се со земја агресор во нашето соседство“.

Советникот за национална безбедност Џејк Саливан вчера во Белата куќа го објави 55-тиот пакет и рече дека ќе вклучува артилериски куршуми и муниција за ХИМАРС, оружје кое очајно е потребно на украинскиот фронт каде што има недостиг.

Пакетот за помош доаѓа и покрај недостигот од финансирање на Пентагон од околу 10 милијарди долари за американско воено оружје потребно да се замени веќе испратеното во Украина, недостиг за кој се потребни дополнителни пари од Конгресот за да се поправи, според највисоките претставници на одбраната.

Официјални лица на Пентагон очекуваа да добијат средства за да ги надополнат залихите во дополнително барање од администрацијата на Бајден, кое вклучуваше милијарди дополнителни долари помош за Украина, Израел и Тајван.

Сепак, Конгресот допрва треба да донесе нацрт-закон за дополнителна помош поради аргументите за трошењето и безбедноста на границите на САД.

Поради тоа што поминаа 15 месеци откако Конгресот последен пат одобри пари за помош на Украина, претставниците на одбраната велат дека секретарот за одбрана Лојд Остин изразил загриженост за какви било идни повлекувања.

Одделот сè уште има овластување од околу 4 милијарди долари за испраќање оружје во Украина, но не остануваат пари одобрени од Конгресот за да се надополнат залихите на оружје на Пентагон.

„Имаме можност да ги преместиме средствата од нашите залихи, но без можност да ги надополниме, ние ја ставаме нашата сопствена подготвеност во одредени ризици“, според еден висок претставник на одбраната.

Минатиот јуни, Пентагон соопшти дека ја преценил вредноста на оружјето испратено во Украина за околу 6,2 милијарди долари во последните две години.

Грешката му обезбеди на Пентагон правно покритие за испраќање поголема помош во Украина, но проблемот остана во тоа што ќе бидат потребни повеќе средства за надополнување на американските воени резерви.

Запрашан од Гласот на Америка зошто Пентагон бил подготвен да ги искористи своите заштеди за да испрати поголема помош за Украина, но не бил подготвен да ги користи овие 4 милијарди долари од преостанатите овластувања за повлекување на претседателот, еден од високите претставници на одбраната им рече на новинарите дека причина за тоа е „недостаток на јасност“ од Конгресот за тоа дали ќе одобри дополнителна помош.

Дописничката на Гласот на Америка од Пентагон Карла Баб придонесе за текстот

XS
SM
MD
LG