Ова е добар ден за Америка, добар ден за Европа и за светскиот мир.
Со овие зборови, американскиот претседател Џо Бајден се обрати од Белата Куќа откако на 24 април го потпиша указот за помош од 61 милијарда долари за Украина. Повеќето од средствата треба да ѝ помогнат на украинската армија за одбрана од руската инвазија.
„Тоа ќе ја направи Америка побезбедна. Ќе го направи светот побезбеден и ќе го продолжи лидерството на Америка во светот и сите го знаат тоа“, додаде Бајден.
Гранати, ракети со долг дострел, системи за против-воздушна одбрана, дополнителна опрема и вооружување за пешадијата се дел од масивниот пакет помош за Украина. Сепак, тоа што се поставува како прашање во анализите е дали оваа помош е можеби задоцнета и каков ефект ќе донесе на фронтот.
Краткорочно ова значи продолжување на војната, меѓутоа, на долгорочен план нема да смени ништоМетоди Хаџи Јанев, професор по безбедност
„Генерално, би рекле дека, краткорочно ова значи продолжување на војната, можеби за година-две, според капацитетот и ветеното што треба да се испорача на Украина. Меѓутоа, на долгорочен план, мислам дека нема да смени ништо“, вели професорот по безбедносни науки, Методи Хаџи Јанев.
Тој додава дека, за да има ефект помошта, потребни се дополнителни чекори за намалување на испораките во оружје и материјали што доаѓаат за Русија од други држави.
„Доколку продолжи овој концепт на војување, со прокси користење на Украина, без да се заземат конкретни мерки, или, без да се спречи оксигенот што пристигнува за Русија, од Кина, од Иран и од останатите држави што тие успеваат да ги користат или да ги манипулираат санкциите на глобалниот Запад, војната на исцрпување нема да прекине“, додава Хаџи Јанев.
Веста за доделувањето американска помош, во Русија беше дочекана со остри изјави од тамошните власти.
„Оружјето што ќе биде испорачано нема да доведе до промена на динамиката, тоа ќе доведе до нови жртви меѓу Украинците. Ќе умрат повеќе Украинци. Украина ќе претрпи поголеми загуби“, се вели во изјава од портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, што ја објави Асошиејтед прес.
Според познавачи на состојбите во руското општество, можно е тамошните власти да ја искористат помошта од САД како основа за нова пропаганда, во убедување на населението дека се води војна против поголем непријател.
Во Русија, како наследство од Советскиот сојуз, главен непријател е АмерикаМирче Адамчевски, колумнист
„Во Русија, како наследство од Советскиот сојуз, главен непријател е Америка. Тие играат на таа карта“, вели колумнистот и поранешен дописник од Москва, Мирче Адамчевски.
Според Адамчевски, поголемиот дел од руското население сè уште му дава поддршка на рускиот претседател Владимир Путин.
„Внатре, интелектуалното општество на Русија е молчеливо. Додека мнозинството народ, пак, даваат поддршка на Русија, на Путин. Внатрешната пропаганда си го прави своето“, вели Адамчевски.
Познавачите на состојбите, сметаат и дека воената помош од САД нема да го има соодветниот ефект, доколку Украина не обезбеди доволно војска.
„Доколку одиме, да речеме, со некоја најниска бројка, од времето на Втората светска војна, а тоа е да мобилизира 10 проценти од сопственото население, да мобилизира некаде меѓу 3 – 3,5 милиони луѓе, војници. Но, во реалноста работите одат малку поинаку. Тоа значи дека има многу малку луѓе коишто сакаат да војуваат. Второ, и од тие што сакаат, според сите статистики, Украина има мобилизирано некаде од еден до 1,5 милиони луѓе, од кои само нешто над 400.000 беа борбено способни“, посочува Хаџи Јанев.
Неодамна украинскиот парламент донесе закон со кој се проширува возраста за мажите што можат да бидат упатени на фронтот. Законот создаде бурни реакции во украинската јавност.
„Секако, нова мобилизација е неопходна затоа што војниците веќе се уморни. Имам многу пријатели кои сега се борат. Уморни се и сакаат да одморат. Ним им е потребна демобилизација“, вели Владислав Каркушејски, млад жител на Киев.
Мобилизацијата, според познавачите, веќе не е едноставно прашање ниту во Русија.
„Првата мобилизација кога беше, можеби 600-700 илјади млади луѓе избегаа од Русија. Избегаа талентирани, образовани, квалитетни кадри. Русија знае дека доколку се направи повторно мобилизација, може да има поголем отпор кај населението“, смета Адамчевски.
Покрај недостатокот од оружје и војска, состојбите на теренот и досегашниот тек на војната, според познавачите, не навестуваат скорешен мир меѓу Украина и Русија.
Приказната за мирот е далеку и најверојатно е во некаков си ќорсокак навлезенаМетоди Хаџи Јанев
„Приказната за мирот е далеку и најверојатно е во некаков си ќорсокак навлезена. Условите што политички двете страни ги дигнаа, влоговите што ги поставија, ги кренаа многу високо. Тоа значи дека барањата што сè уште ги слушаме од Западната хемисфера, се ‘Русија надвор од Украина’. Додека Русија, пак, сега има нови побарувања и постојано мавта со наводниот договор којшто требало да биде потпишан меѓу Русија и Украина во Истанбул, а кој не се случил под притисок на, како што тие тврдат, западните дипломати“, смета професорот Хаџи Јанев.
Претпоставките се дека е мала веројатноста Русија да се откаже или да се повлече од окупираните територии.
Ако Русија се откаже, прво Путин ќе треба да се застрела самиотМирче Адамчевски, колумнист
„Загинаа многу луѓе. Ако Русија се откаже од тоа, прво Путин ќе треба да се застрела самиот. Првото прашање што ќе му го постават, можеби прво луѓето околу него, генералите, па и народот, ќе биде: Зошто изгинаа толку луѓе, зошто ги пративте таму, зошто влегоа во војна?. Мирот е сè уште далеку“, заклучува колумнистот Адамчевски.
Според официјалните податоци од Одделот за одбрана, САД од почетокот на руската инвазија, до 15 јануари годинава, во Украина испратиле повеќе од 2 милиона артилериски гранати, 31 тенк „абрамс“, 39 ракетни системи возила.
Досегашната воена помош од Европската унија, пак, за Украина изнесува околу 35 милијарди долари. Во неа се вклучени артилериска муниција, ракети за против-воздушна одбрана, тенкови, борбени авиони.
Во листата земји што испратија воена помош за Украина беше и Северна Македонија. Притоа во неколку наврати, меѓу другото, беа доставени и тенкови, 12 хеликоптери, како и воените авиони „сухои“, купени од Украина во 2001 година. Беше овозможена и обука на украински војници на воениот полигон „Криволак“.
Засега нема конкретна најава за нов контингент воена помош од Северна Македонија, кон Украина.
Facebook Forum