Линкови за пристапност

Мицкоски се сомнева во кредибилноста на изјавата на Шолц дека нема да има нови услови од Бугарија


СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не можат да се согласат околу одговорот на германскиот канцелар на прашањето дали пристапниот процес за Северна Македонија, покрај уставните измени, може да биде обремент со нови условувања од Бугарија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не можат да се согласат околу одговорот на германскиот канцелар на прашањето дали пристапниот процес за Северна Македонија, покрај уставните измени, може да биде обремент со нови условувања од Бугарија

Разликите меѓу власта и опозицијата се толку сериозни што двата политичка табора не можат да се согласат ниту за пораките кои доаѓаат од врвни претставници на земји-членки на Европската Унија.

Така, изјавите на Олаф Шолц, канцеларот на Германија – една од најмоќните држави во ЕУ, испорачани по средбата со македонскиот премиер во Берлин, ако за социјалдемократите се јасен сигнал дека нема нови услови на македонскиот пат кон Унијата, за ВМРО-ДПМНЕ се знак за внимателност.

Партијата на Христијан Мицкоски, која има одлични односи со сестринските германски партии, дури и се сомнева во кредибилноста на изјавата на канцеларот.

„За да се процени кредибилноста на изјавата на германскиот канцелар Шолц, дека "нема да има нови услови од Бугарија" освен нивното наметнато барање за измена на Уставот, корисно е да се потсетиме на изјавите на претходната канцеларка Меркел од 2018 и 2020 година, кога исто така од владата во Берлин беа дадени озбилни ветувања за интеграцијата во ЕУ, од кои до денес ниту едно не е исполнето, и покрај болните и изнудени измени на Уставот на Република Македонија. Затоа, како држава кон ветувањата од ЕУ, подобро е да сме претпазливи, отколку повторно разочарани“, напиша Антонијо Милошоски на Фејсбук.

Неговиот колега, Драган Ковачки, пак, тврди дека Шолц е погрешно преведен.

„Ве повикуваме уште еднаш да го погледнете преводот на изјавата, цениме дека е направена грешка во преводот, намерна или не намерна од службите, вели пратеникот Драган Ковачки и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на прашање за изјавата на германскиот канцелар Олаф Шолц која беше пренесена дека вели „гарантирам дека нема да има нови условувања за пристапните преговори на државата“, Ковачки.


Владејачката СДСМ, наспроти опозицијата, сосема поинаку ја толкува изјавата на германскиот канцелар.

„Директно од канцеларот Олаф Шолц добивме јасни и цврсти гаранции дека нови услови, нови пречки на европскиот пат нема да има. Дополнително, тој јасно ја нагласи големата почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува во реформи на патот кон ЕУ“, вели Дарко Каевски од СДСМ.

Она за што спорат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беше одговорот на Шолц на прашањето дали пристапниот процес за Северна Македонија, покрај уставните измени, може да биде обремент со нови условувања од Бугарија.

„Тоа треба така да биде, да биде сосема регуларен пристапен процес, со сите постапки што Европската Унија ги управува и, се разбира, сите нешта за кои станува збор се запишани тука. Нема нови барања што се однесува до билатералната ситуација. И јас стојам зад тоа“, изјави канцеларот на Германија Олаф Шолц.

Денеска и премиерот Димитар Ковачевски, на крајот од посетата на Берлин, со дообјаснување за пораките испратени на вчерашната прес-конференција.

„Не постојат дополнителни условувања во преговарачката рамка. Штом не постојат не може да има блокади“, вели Ковачевски.

Пред два дена бугарскиот претседател им прати писмо на европските лидери во кое апелира пристапот на „Република Северна Македонија во Европската Унија да се заснова на исполнување на критериумите за членство, а не на лобистичка политика“.

„Скопје наместо да работи на исполнување на условите, повторно се обложува на активно лобирање за прикривање на недостатокот на политичка волја за исполнување на критериумите за членство“, им напиша Радев на европските лидери образложувајќи дека земјава, како што вели, не ги задоволува критериумите за да напредува во пристапните преговори.

XS
SM
MD
LG