Линкови за пристапност

Бундестагот ќе носи резолуција за реафирмација на македонскиот идентитет и јазик  


Османи, одговарајќи на прашање на бугарски новинар – дали резолуцијата на германскиот парламент е начин да се превенираат дополнителни условувања од Софија, порача – не може да има нови услови
Османи, одговарајќи на прашање на бугарски новинар – дали резолуцијата на германскиот парламент е начин да се превенираат дополнителни условувања од Софија, порача – не може да има нови услови

Владата ја поздравува иницијативата на германскиот Бундестаг за резолуција со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на патот на земјата кон Европската Унија.

Овој чекор на Бундестагот доаѓа токму во период кога се интензивира домашната политичка дебата за уставните измени и барањата на опозицијата за дополнителни гаранции.

„Со резолуцијата само се потврдува она што минатата година беше утврдено во преговарачката рамка“, вели шефот на дипломатијата.

„Овие резолуции на поддршка се само реафирмација на она што го има во преговарачката рамка. И без нив идентитетот во ЕУ е загарантиран. Но, бидејќи има дилеми, некои земји членки на ЕУ иницираат вакви резолуции за да им кажата на граѓаните - `еве точно е, во преговарачката рамка идентитетските прашања се загарантирани`“, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи, одговарајќи на прашање на бугарски новинар – дали резолуцијата на германскиот парламент е начин да се превенираат дополнителни условувања од Софија, порача – не може да има нови услови, тоа прашање е затворено со преговарачката рамка.

„Бугарија не може да постави нови услови, бидејќи преговарачката рамка е затворена. Таа не може да се отвори ниту на барање на нашата опозиција, ниту на барање на бугарската опозиција. Да ја затвориме темата, дека утре може некоја бугарска Влада да каже имаме нов услов. Нема нов услов. Преговарачката рамка е затворена. Во преговарачката рамка има три патокази. Во едниот од патоказите има Акциски план за малцинствата, тоа е единствениот услов, којшто е влезен во бенчмарковите за отворање и затворање на поглавјата. Тој Акциски план не се однесува само на бугарската заедница, туку се однесува на сите заедници во државата. И се разбира тука ќе треба да се исполнат сите тие услови по однос на подеднакви права на сите граѓани независно од етничката припадност“, вели Османи.

И европските претставници во земјава не мислат дека е можна нова преговарачка рамка, ниту пак дека е реално да се очекува подобар договор со Бугарија, нешто што го тврди опозицијата.

„Прво нешто што треба да кажеме дека на патот кон ЕУ не се губи националниот идентитет, јазикот и културата. И секако, македонскиот јазик веќе е во рамката за преговарања без никакви квалификации. Што се однесува до очекувањата не верувам дека е реалистично да се има подобар или да се очекува подобар договор со Бугарија, од она што беше договорено и доведе до отворање на преговорите минатиот јули. Не треба да се очекуваат нови некакви договори, гаранции или ветувања што се однесува до процесот на пристапување“, изјави амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир.

Паралелно, ВМРО-ДПМНЕ ја притиска владата да се произнесе за нејзините два предлога кои ги смета за излез од политичката ситуација.

„Без да има конкретен одговор, ВМРО-ДПМНЕ не мрда со прст. Предлозите се јасни. Првиот предлог опфаќа формирање на преодна влада без ДУИ и уставни измени со одложено дејство, а вториот предлог предвидува брзи избори оваа есен...“, изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачкото мнозинство вели дека продолжува со процесот на уставни измени на, како што тврди, две патеки – со опозицијата во целина, но и со пратениците.

Ставот е дека до денот кога на пленарна седница ќе биде првото гласање, отворени се опциите за договор со опозицијата.

XS
SM
MD
LG