Линкови за пристапност

Маркетите да ја сфатат пораката на бојкот, велат економски експерти


Граѓанска иницијатива за бојкот на маркети
Граѓанска иницијатива за бојкот на маркети

Надлежните институции да го применуваат Законот за нефер трговски практики вели, а самиот бојкот на маркетите е демонстрација на незадоволството кај потрошувачите, велат соговорниците на Гласот на Америка

Иако Северна Македонија е пазарна економија сепак дел од големите трговски ланци на маркети ја злоупотребуваат својата позиција и наметнуваат непазарни правила, со кои диктираат повисоки цени, вели економскиот новинар, Горан Теменугов. Според него тоа може да се регулира, преку доследно спроведување на законите и нивно контролирање од страна на државата.

„Поради тие непазарни правила, кои ги воспоставуваат, заради својата доминантна позиција за да можат да условуваат, дел од цените се повисоки од што би требало и затоа е многу важно да се применува Законот за нефер трговски практики, односно надлежните да го спроведуваат дословно, а не да ги замолуваат трговците да се придржуваат до него, туку едноставно да контролираат и на секое отстапување од овој закон да казнуваат“, вели Теменугов.

Бојкотот на маркетите е демонстрација на незадоволство на потрошувачите за тоа како функционира пазарот вели, Константин Здравески, магистер по економски науки. Ако сакаат да ги вратат купувачите, мора да реагираат со намалување на цените или подобрување на услугите, додава тој.

Првиот бојкот го намали профитот на големите маркети за 47 отсто
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:27 0:00

„Доколку сакаме да купиме 1 килограм банани и тој одеднаш од 80 денари се зголеми на 150 денари, ние ќе побараме алтернатива и ќе купиме јаболка кои се поевтини. Тоа ќе се случи и со продажбата во супермаркетите, односно побарувачката на потрошувачите од супермаркетите“, вели Здравески.

Маркетите треба да ги согледаат резултатите и од првичниот бојкот вели Здравевски, според кого бојкотот треба да биде подолгорочен.

„Селективното купување, купување од соодветни алтернативи, и сами да го направиме тоа во еден подолг временски период. Кога тоа ќе се случи, ако имаме трпение да го спроведеме тоа, супермаркетите ќе бидат први кои ќе посакаат да разговараат. Нема да ни биде потребна ни државна помош, ниту било каква политичка помош“, вели тој.

Теменугов, пак, смета дека една од причините за актуелниот проблем, се и лошите економски политики во изминатите 30 години, најмногу во енергетиката и земјоделието, поради што државата не можела да интервенира при надворешни и внатрешни ценовни шокови, како што е сега случајот.

„Тоа се гледа. Ние не можеме да произведеме доволно храна, не можеме да имаме дисперзирано производство, не можеме да ги задоволиме нашите суштествени потреби. Со поголемо производство на земјоделски производи, кога ќе дојдат вакви кризи, да може и државата да интервенира, едноставно да пушти и поконкурентни производи на пазарот и да влијае на намалување на цените“, вели тој.

Во моментот Северна Македонија е голем увозник на храна. Според Теменугов, се увезува храна во вредност од околу 1 милијарда евра, а се извезува половина од тоа, односно околу половина милијарда евра.

„Влегуваме во многу турбулентни економски времиња и затоа Македонија економски мора да се подготви што е можно подобро за како да ги пречекува идните кризи“, рече Теменугов.

Тоа може да се направи, со поголема енергетска независност, пред се во делот на снабдување со електричната енергија и производство на храна. Инаку првичниот бојкот од страна на граѓаните, кој се случи на 31 јануари, го намали профитот на големите маркети за 47 отсто.

XS
SM
MD
LG