СКОПЈЕ – Речиси 47 проценти помалку промет или 100 милиони денари помалку во касите. Ова се резултатите од граѓанскиот бојкот на големите трговци и нивните ланци маркети како израз на револт од самоволието на трговците во отсуство на институционални механизми за контрола и казнување. Ако во просек граѓаните трошеле околу 3,5 милиони евра дневно во овие маркети за време на бојокотот оваа сума се преполовила и изнесува околу 1,8 милиони евра.
Според официјалните податоци на УЈП вчера, за време на бојкотот, граѓаните во осум големи ланци на маркети потроши 114,3 милиони денари или 1,85 милиони евра. Ден пред бојкотот, во четвртокот, граѓаните испазариле во вреднпост од 213 милиони денари или 3,44 милиони евра додека бројките на УЈП за минатиот петок велат дека во касите на осум големи ланци маркети граѓаните оставиле 214 милиони денари или 3,5 милиони евра
„Според споредбената анализа на податоците, во петок, 31.01.2025 година во однос на петок, 24.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.59%. Во петок, 31.01.2025 година, во однос на четврток, 30.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.29%“, стои во официјалното соопштение од УЈП.
Граѓаните се одлучија на овој радикален чекор со бојкот откако институциите не успеаја да ги зауздат трговците кои во трката по профит секојдневно и своеволно ги покачуваа цените на производите без кои едноставно не може да се живее.
За илустрација, минималната синдикална кошничка, во која ги има најосновните и најевтините производи и тоа во минимална количина, за само една година е потешка за 6.100 денари.
Бојкотот немаше организатори и беше иницијатива преку социјалните мрежи а надлежните и бизнис секторот сметаат дека е сериозна порака и аларм, но и дека може да стане секојдневие.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, повика на решавање на проблемот преку дијалог додека министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска побара трговците да го почитуваат Законот за забрана на нефер трговски практики, каде инаку маржата е ограничена, и најави драконски казни.
Трговците кои пред воведувањето на владините мерки во септември, тврдеа дека работат надвор од трговската логика и со минимална заработка, во 2023 година имале чист профит од 35 милиони евра. Заработките се движат од 1,4 милиони евра до 10,3 милиони евра. Нето профитната маржа се движи од 1,54 проценти кај маркетот со најмала заработувачка во 2023 година до 11,73 проценти кај ланецот маркети кој во 2023 година имал најголема заработувачка.
Бојкот на големите ланци маркети имаше во Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина.