Линкови за пристапност

Максим Ацевски, главен државен ревизор: Ни заминува тоа што значи столб за развојот на државата


Еве, кажуваме, да, точно е, имаме корупција во јавниот сектор, има кој бара одредени средства. Но, ако приватниот сектор не е подготвен да ги даде тие средства, тогаш нема да имаме корупција“, категоричен е првиот човек на државната ревизија Автор: Тоше Огњанов

Тажна состојба во која ни заминуваат најквалитетните високообразовани кадри. Така коментира првиот човек на Државниот завод за ревизија, Максим Ацевски, во разговор за Гласот на Америка.

„Ни заминува највисоко профилираниот кадар од нашата држава. Тоа што значи носечката гранка или носечкиот столб на идниот развој на нашата држава“, вели Ацевски.

Државниот завод за ревизија на почетокот од овој месец објави извештај за заминувањето на стручните лица. Експертска анализа за периодот од 2013 до 2021 година покажала дека мерките за намалување на иселувањата не биле ефикасни.

„Направени се две одделни истражувања каде што е констатирано дека бројката на иселени високообразовани кадри достигнува 2.500 лица на годишно ниво“, посочува главниот ревизор.

Ревизорите пресметале дека само за образование на толкава бројка лица државата годишно трошела по 316 милиони евра.

„И не е само тоа што тие заминале, тоа што сме платиле за нивното образование. Туку и тоа што тие нема да земаат плата, нема да генерираат дополнителна додадена вредност во нашето општество, нема да се плаќаат даноци и придонеси“, вели Ацевски.

Додава дека вкупниот губиток на државата е поголем од 800 милиони евра годишно.

„Сето тоа ако го соберете, вкупниот негативен ефект од одливот на високообразовани кадри, годишната цена за чинење на образованието на овие кадри, од 316 мил.евра, ќе добиеме 828 милиони евра што државата губи по однос на тоа што значи одлив на овие високообразовани кадри“, вели Ацевски.

Главниот државен ревизор посочува и на драстично празнење на помалите населени места.

„Ќе видите колку населени места во нашата држава се опустошени, односно немаат ниту еден жител. Колку населени места се со десет жители, колку населени места се под 100 жители и ќе дојдете до една сума од 30-40 отсто. Сето тоа зборува за последиците од негрижата за одливот на целокупното наше население, а особено на високообразовниот кадар“, категоричен е Ацевски.

Главниот ревизор сепак потсетува дека миграцијата е светска појава.

„Тоа е процес што како држава не можеме да го запреме, меѓутоа како држава можеме да пропишуваме политики со коишто ќе ги заинтересираме високообразовните кадри коишто се испратени на првите 100 универзитети во светот, да ги стимулираме и да дадеме такви мерки и политики, за тие да се вратат“, предлага ревизорот.

Првиот човек на државната ревизија смета и дека превенцијата треба да тргне од повеќе институции.

„Би сакал да укажам дека превентивно треба да се преземат мерки и активности од надлежното Министерство за образование и наука, од Владата на нашата држава, и работната група која што е задолжена за имплементација на резолуцијата за спречување на миграцијата. И, секако, сите други надлежни органи коишто ќе бидат инволвирани“, посочува Ацевски.

Ги повикува и домашните Универзитети кон преземање мерки.

„Треба да генерираат одредени насоки, треба да генерираат одредени услови за нашите студенти да бидат подеднакво заинтересирани за студирање на нашите факултети“, вели Ацевски.

Главниот државен ревизор повикува и на поширока одговорност. Го посочува и приватниот сектор.

„Што ако државата преземе активности, ги задржи тие кадри, меѓутоа приватниот сектор не е доволно респонзивен за да ја сфати улогата и значењето на таквите високообразовани кадри. Дали сметате дека ќе имаме соодветен развој, во приватниот сектор и во дејностите коишто се однесуваат, ако не ги задржиме најдобрите кадри коишто можат да дадат дополнителна додадена вредност и во развојот?“, прашува Ацевски.

Според Ацевски одговорност за приватниот сектор има и во еден од најгорливите проблеми на македонското општество – корупцијата, поради која и многумина си заминуваат од државата.

„Сите зборуваат, да, имаме корупција, но, никој не размислува дека таа корупција доаѓа од приватниот сектор. Зошто? Дали се прашуваме од каде доаѓаат тие пари? Дали во јавниот сектор ќе имаме корупција, ако нема кој да даде? Еве, кажуваме, да, точно е, имаме корупција во јавниот сектор, има кој бара одредени средства. Но, ако приватниот сектор не е подготвен да ги даде тие средства, тогаш нема да имаме корупција“, категоричен е првиот човек на државната ревизија.

Прстот го посочува и кон државните служби.

„Треба професионално да ја извршуваат својата работа. Треба да работат на својот интегритет. Треба да бидат посветени на државата и на институцијата каде што припаѓаат. На моите вработени им кажувам три работи: Треба да припаѓаат на семејството. Треба да припаѓаат на пријателите. Треба да припаѓаат на институцијата каде што работат, бидејќи од таму земаат плата и го одржуваат своето семејство“, вели Ацевски и додава:

„И, на крајот, треба да имате чувство на припадност кон државата. Ако сите овие работи ги немате и немате чувство на припадност, тогаш нема потреба да бидете во јавниот сектор и нема потреба да бидете дел од нашата држава“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG