Линкови за пристапност

Мигрантите како предизвик, но и можно решение за Европа


Мислења на експерти: Како Балканот се справува со мигрантската криза
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:48 0:00

Мислења на експерти: Како Балканот се справува со мигрантската криза

Експертите посочуваат на економски придобивки доколку на мигрантите се гледа како на потенцијал за развој доколку бидат успешно интегрирани

На неодамнешна тркалезна маса во Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, Мишел Габудан, претседател на организацијата „Рефјуџи Интернешенал“ ја нагласи потребата од поголема кохезивност на Европа во справување со предизвиците со мигрантите.

„Напливот од бегалците нема да запре, зашто земјите-соседи коишто згрижија милиони бегалците од Сирија не ја добија неопходната финансиска помош од меѓународните хуманитарни организации. Затоа мигрантите немаат друг излез освен да тргнат во потрага по подобар живот“, кажа тој.

„Повеќето балкански држави не се дел од ЕУ. Немаат потпишани усогласени договори како членките на блокот. Во моментов, Балканот мора да прифати дека бегалците ќе минуваат низ нивните земји и границите мора да останат отворени за оние кои бараат заштита. Знам дека меѓу нив има и лица кои немаат статус на бегалци, и затоа е потребна поголема проверка на идентитетот. Но, не` заборавајте дека тоа се претежно луѓе кои поради конфликт ги напуштиле своите домови“, смета Габудан.

Според унгарската амбасадорка во САД, Река Семеркени, голем проблем се трговците со луѓе кои заработуваат на човечката несреќа. Таа смета дека е потребна сеопфатна и содржајна политичка рамка на ЕУ, што ќе ги опфати и земјите што претендираат на членство, а во кои спаѓаат и балканските држави, за координирање на напорите за усогласување на регулативите за барателите на азил, како и во борбата против трговците со луѓе.

Унгарија беше првата држава во ЕУ која ги зајакна пограничните мерки пред напливот на бегалци, и изгради физичка ограда да го спречи или барем забави приливот.

„Проблемот треба да се решава во повеќе аспекти едновремено. Зоната во која важи Шенгенскиот договор треба да е правно регулирана во смисла на јасни правила за заштита на заедничката европска граница. Од друга страна, на земјите кои се прва станица за бегалците од Сирија - Либан, Јордан и Турција - ЕУ треба да им помогне да се справат со илјадниците кои се` уште се наоѓаат во нивните кампови“, коментира Семеркени.

На таа линија е и Даниел Сервер, аналитичар за Блискиот исток при Универзитетот Џонс Хопкинс. За Гласот на Америка на македонски кажа дека најдобар начин Балканот, но и Европа, да се справат со проблемот, е да се работи на одвраќање на тие луѓе од реализација на идејата за мигрирање, уште додека се во нивните земји.

Тој сепак признава дека со инволвирањето на Русија во актуелниот развој на сириската граѓанска војна, тоа е речиси невозможно.

„Не гледам брзо решение за овој проблем. Бегалците пронајдоа маршурута. Можеби имаат препреки на патот, но на крајот ќе стасаат до земји кои имаат волја да ги прифатат. За среќа, Европа има потреба од овие млади и образовани работници. Мислам дека ЕУ треба да го стори тоа што Америка го има направено многу одамна – да ја прифати имиграцијата, а не да ја отфрла“, вели Сервер.

Кристијан Одендал од Центарот за европски реформи од Лондон деновиве за Гласот на Америка изјави дека многу држави во ЕУ, а особено Германија и Франција, се соочуваат со проблемот на наталитет, односно старееење на нациите. Тој смета дека миграцијата може да е добра работа за нив.

„Кризата со бегалците претставува предизвик, но има и потенцијал да и` помогне на Европа, или барем на делови од Европа, во решавање на демографските проблеми. Но, во крајна линија зависи од Европејците колку се подготвени да ги интегрираат мигрантите во нивните пазари на трудот“, кажа Одендал.

Проблем од таа природа има и Балканот, вели аналитичарот Даниел Сервер, посочувајќи на трендот на одлевање млад образован кадар во процесот на глобализација.

Сервер се согласува дека интеграцијата на мигрантите е голем предизвик, но и смета дека е вредно да се размислува во позитивна насока заради можноста за подмладување на европските економии, чиј растеж е далеку зад економиите на САД и земјите од Далечниот исток.

XS
SM
MD
LG