Линкови за пристапност

Апели за смирување на тензиите


ОБСЕ, ЕУ, Амбасадата на САД повикуваат да не се злоупотребуваат најновите инциденти што ја зголемија меѓуетничката напнатост.

Меѓуетничката напнатост во Македонија нарасна со нападите во автобусите на скопскиот градски превоз во кои имаше десетина повредени, и со, како што се наведува во медиумите, одмаздничките напади во Тетово и Скопје. По нападите во Скопје во кои биле употребени и дрвени палки, медиумите јавуваат дека синоќа во Тетово, во близина на судот, четири момчиња - етнички Албанци, натепале седумнаесетгодишник од македонска националност, кој се здобил со полесни повреди, а во Скопје, непознати лица го скршиле стаклото на еден автобус во движење при што немало повредени лица.

Инцидентите денес ги осуди мисијата на ОБСЕ преку амбасадорот Ралф Брет, кој изрази жалење за повредените и изрази надеж дека властите целосно ќе ги истражат инцидентите и ќе ги казнат сторителите. Амбасадорот ги повика граѓаните да не преземаат чинови на одмазда што само може да ги влоши состојбите:

„Насилството никогаш не треба да се пренебрегнува, особено во чувствителни мултиетнички средини“, изјави Брет.

Делегацијата на Европската унија во Скопје исто така изрази жалење за инцидентите.

„Информирани сме за инцидентите што се случија во изминатите 24 часа. Го изразуваме нашето жалење до повредените и нивните семејства. Од изјавата на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска разбравме дека е во тек полициска истрага. Повторно, апелираме до сите чинители да ги смират чувствата и да не ги злоупотребуваат овие несреќни инциденти“, се вели во соопштението на Делегацијата на ЕУ .

Денес и Комисијата за односи меѓу етничките заедници во Собранието, на своја седница како единствена точка ќе ги има меѓуетничките тепачки кои предизвикаа вознемиреност во македонската јавност и кои се одразија врз кревките меѓуетнички односи.

По инцидентите од минатата седмица, кога со нож беше прободено момче кај Бит пазар во Скопје, а имаше и тепачки меѓу ученици во Тетово и во Струга, во средата и во четвртокот жариштето се префрли на различни локации во Скопје, каде напаѓачи се пресметуваа со патници и возачи на автобусите 57, 58 и 65. По објавените информациите во медиумите дека во еден од инцидентите во скопскиот автбус биле нападнати млади лица - етнички Албанци, во Тетово биле нападнати тројца етнички Македонци, жители на Берово, Скопје и Тетово, на кои напаѓачите им се заканиле и им порачале дека нападот е одмазда за скопските инциденти.

Вчеравечер, според медиумските извештаи, во скопската населба Ѓорче Петров биле нападнати двајца браќа од група напаѓачи, кои исто така извикувале дека се работи за одмазда за претходните инциденти во кои нападнатите биле Албанци. Натепаните во овој инцидент поради повредите биел пренесени на Клиниката за трауматологија.

Како реакција на нарушувањето на меѓуетничките релации, раководството на владејачката ДУИ вчера одржа неколкучасовен состанок на кој се расправало за актуелната безбедносна ситуација, а објавувањето на постигнатите заклучоци се уште се очекува.

„Ги повикуваме сите општествени фактори, политички и неполитички, да го дадат својот придонес за смирување на состојбата. Да се прекине овој циклус во кој што сме влезени со овие провокации“, изјави вчера портпаролот на ДУИ, Бујар Османи. Иако медиумите шпекулираа дека ДУИ по разгледувањето на сите инциденти што следеа по убиството на две лица во Гостивар од полицаец кој не беше должниост, ќе бара и неотповиклива оставка на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, помошник-министерот Иво Котевски, како и разрешување на директорот на Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје, Мишо Николов, засега нема официјални информации за ова прашање, а се очекува ДУИ од коалициониот партнер во власта – ВМРО-ДПМНЕ да побара поголема контрола на МВР на теренот и засилени безбедносни мерки

По неколкуте крвави инциденти во само 24 часа во Скопје и поради затегнатата меѓуетничка состојба, вчера реагираа речиси сите останати политички субјекти, но и дел од дипломатите. Во изјавата на Амбасадата на САД по повод насилните инциденти се вели: „Знаеме дека властите водат истрага за инцидентите и трагаат по извршителите на овие брутални акти. Ги поддржуваме напорите на министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, за водење на истрага и спроведување на законски процедури“.

Амбасадата потенцира дека сочувствува со повредените во инцидентите и им упатува желби за брзо закрепнување, но и ги повика „сите засегнати страни да останат смирени, да причекаат фактите за случаите да станат познати, и да овозможат да се спроведе законски процес“.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ги осуди инцидентите и потенцирашпе дека за ниедно насилство не може да се најде оправдување.

„Ирелевантно е на која етничка заедница и припаѓаат насилниците“, рече Јанкуловска, според која МВР нема податоци дека се работи за координирани инциденти, и дека според првичните информации за случаите, се работи за различни мотиви на стоителите кои не се унифицирани.

Повикувајќи на смирување на тензиите, министерката исткана дека не ја исклучува можноста дека во Реублика Македонија има луѓе кои посакуваат нарушување на меѓуетничките односи. Јанкуловска ја изрази својата убеденост дека сепак, се помногубројни луѓето кои ќе ги демистификуваат оние кои посакуваат меѓуетнички тензии.

И нејзиниот сопартиец Илија Димовски повика на смирување на ситуацијата, ина избегнување на нејзино користење за политички поени. „Апелираме да не се става етнички контекст на секој инцидент што се случува во Република Македонија, и, уште повеќе, апелираме до политичките партии под никакви услови да не си дозволуваат овие инциденти да ги злоупотребуваат за политичка пресметка помеѓу себе“, изјави Димовски.

Од ЛДП, пак, констатираа дека „Македонија влегува во крајно опасна зона во која инцидентите можат да прераснат во конфликти од веќе видени и несакани размери. Очигледно е дека ова претставува проект, но главно прашање е чиј и со каква цел“.

Според либералдемократите, „крајно симптоматично е што за време на последните два клучни инцидента, во Струга и во Скопје, кои од темел ги разнишаа и онака кревките меѓуетнички односи, премиерот Никола Груевски е надвор од земјава“.

Опозициониот СДСМ изрази сериозна загриженост поради зачестените инциденти кои добиваат меѓуетничка димензија. „Апелираме до сите политички чинители да не ги злоупотребуваат овие инциденти за дневно политички цели. Владејачката коалиција има одговорност да покаже дека Македонија е правна држава и дека сторителите, директните извршители и поттикнувачите на овие инциденти ќе бидат соодветно санкционирани“, изјави Андреј Петров, секретар на СДСМ. Оваа партија најави и дека денес истовремено ќе одржи повеќе прес-конференции низ цела Македонија, кои симболично ќе почнат во пет минути дo 12 часот.

Како една одмеркте за избегнување на несаканите инциденти, Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука со која привремено се забранува организирано патување на гостинските фудбалски навивачи во македонското фудбалско првенство, кое продолжува викендов.

XS
SM
MD
LG