Во американската претседателска трка во сабота фокусот ќе биде на сојузната држава од средниот запад Ајова. Републиканците ќе одржат неофицијално тестирање на расположението кај народот за кандидатите од оваа партија. Настанот е познат како Iowa Straw Poll, и важи за почеток на трката за номинацијата од редовите на Републиканската партија.
Iowa Straw Poll е ран тест за учесниците во републиканската претседателска трка.
Оние кои ќе минат добро, ќе важат за добропоставени за натпреварот во кокусот за претседател што во февруари ќе се одржи во Ајова. Ајова е првата држава од каде започнува гласањето на територија на САД.
Имињата на девет републикански натпреварувачи се наоѓаат на гласачкитѕе ливчиња за Iowa Straw Poll. Меѓу нив е и конгресменката од Ајова, Мишел Бакман, која стана фаворитка меѓу социјалните конзервативци од движењето Ти Парти:
„Да го направиме Барак Обама претседател со само еден мандат. Да ја развиеме економијата, да отвариме нови работни места и да го обновиме ветувањето за иднината на новата генерација.“, вели Бакман.
Меѓу другите кандидати ќе бидат конгресменот од Тексас Рон Пол, бизнисменот од Џорџа Херман Кеин и поранешниот гувернер од Минесота Тим Поленти:
„Наша цел е од второстепени, да се наметнеме во врвот. Не мислам дека во Ајова треба да победиме, но мора да покажеме дека сме напред“, вели Поленти.
Еден од натпреварувачите кој не учествува во гласањето во Ајова е актуелниот предводник, според анкетите, на републиканското претседателско поле, - поранешниот гувернер од Масачусетс Мит Ромни.
Деновиве се очекува и гувернерот на Тексас, Рик Пери, да ја обелодени одлуката дали ќе се приклучи на републиканската трка за номинација. Пери се обраќа до разни групи во републиканската партија, вклучувајќи и економски конзервативци, активисти на Ти Парти и социјал-конзервативци.
Многу аналитичари сметаат дека Пери ќе се обиде да избие меѓу првите со поддршка на конзервативни републиканци на начин на кој Мит Ромни не успева. Џон Фронтиер е аналитичар од меѓупартискиот центар за креирање политика во Вашингтон:
„Мит Ромни е најорганизиран и веројатно ќе има најорганизирани собири за собирање финансиски средства. За него најургентно е да ја убеди базата на републиканската партија дека е доволно конзервативен, особено кога станува збор за здравствената заштита“, вели овој аналитичар.
Анкетарот од Универзитетот Квинипек Питер Браун вели дека гувернерот на Тексас треба да обедини разни фракции во самата републиканска партија:
„Вистински предизвик за републиканците е да најдат кандидат кој ќе го обедини крилото на Ти Парти и оние од поумерената база“, вели Браун.
Како дополнување на Рик Пери, и други двајца угледни Републиканци се сметаат како потенцијални кандидати во Белата куќа. Поранешната гувернерка на Аљаска Сара Пејлин и поранешниот градоначалник на Њујорк Руди Џулијани велат дека ќе ги објават одлуките дали ќе влезат во трката, следниот месец.