Линкови за пристапност

Клинтон во Албанија


Даде поддршка за европските аспирации, побара натпартиска соработка на демократските реформи и во борбата против корупцијата.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон ги повика спротиставените политички фракции во Албанија да соработуваат за да продолжат со демократските реформи и да обезбедат слободни и праведни избори наредната година.

За време на обраќањето во Парламентот при посетата на Тирана во рамки на балканската турнеја што се совпадна со одбележувањето на 100-годишнината од независноста на земјата, Клинтон кажа дека Албанија мора да продолжи да работи на јакнење на демократијата, да ја гради економијата и да создаде иднина што ќе одговара на аспирациите на луѓето.

„Имате потенцијал да станете пример, не само за регионот, не само за Европа, туку и за светот“, порача шефицата на американската дипломатија во албанскиот пратенички дом.

Таа ја истакна американската солидарност со Албанија како НАТО-сојузник и поддршката за членството во ЕУ.

Целосно ги одобруваме албанските аспирации во ЕУ бидејќи мислиме дека тоа ќе ве направи посилни
Хилари Клинтон

„Целосно ги одобруваме албанските аспирации во ЕУ бидејќи мислиме дека тоа ќе ве направи посилни. Исто така, ќе биде добро за Европа. Иако немаме глас за таа пријава за членство, ќе му кажеме, на секој кој ќе слушне, колку цврсто ве поддржуваме“, рече Клинтон.

Таа ја подвлече важноста на владеењето на законот и оцени дека борбата против корупцијата е клучна и дека треба да биде над политичките разлики.

Клинтон пред обраќањето во Парламентот се сретна со албанскиот претседател Бујар Нишани. Дојде во Албанија од Хрватска, каде разговараше за билатерални прашања и улогата на земјата во регионот, а го поздрави и планираното влегување во ЕУ наредната година.
XS
SM
MD
LG