Линкови за пристапност

САД и ЕУ за подобри односи меѓу Србија и Косово


Може многу да се постигне со меѓусебна соработка на Србија и Косово за доброто на народот од двете земји, рече Клинтон.

Шефицата на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон го предводи дијалогот меѓу Белград и Приштина. За текот на разговорите таа изјави дека е постигнат вистински напредок.

„Јасна цел е да го подобриме квалитетот на животот на луѓето и да помогнеме да ги решат проблемите. Правејќи го тоа, Србија и Косово ќе бидат поблизу до ЕУ“, вели Ештон.

Ештон во Белград се сретна со српскиот претседател Томислав Николиќ и премиерот Ивица Дачиќ заедно со американската државна секретарка Хилари Клинтон. Ештон истакна дека е од особено значење обете страни целосно да ги почитуваат договорите за слобода на движење и царинска контрола, постигнати преку дијалог со ЕУ.

„Нема други реалистични или подобри алтернативи. Работите нема да одат на полесно доколку тешките дискусии едноставно се стават настрана. Ова е добро за Србија и добро е за Косово. Добро е за вашата иднина и за секојдневниот живот на луѓето во овој регион“.

Белград одби да го признае Косово откако покраината унилатерално прогласи независност од Србија во 2008-та година. САД и повеќето европски држави го поддржаа чекорот на етничките Албанци и работат на решавање на статусот на Србите во северниот дел на Косово, каде, како што велат американски претставници, Белград оперира со паралелна мрежа на болници, училишта и судови.

Дијалогот на ЕУ не повикува на признавање на Косово од страна на Србија, а Клинтон вели дека администрацијата на претседателот Барак Обама има разбирање за политичките и уставните разлики да се стори тоа. Сепак, САД ги повикуваат обете влади да преземат практични мерки за подобрување на безбедноста и разубедувањето на Србите на Косово.

„Косово е независна држава. Границите на Европа нема да се променат. Но, може многу да се постигне преку меѓусебна соработка на Србија и Косово за доброто на народот од двете земји. Сфаќам дека ова е тешко, но се одвива паралелно и со исполнување на потребите на српскиот народ“.

По разговорите премиерот Дачиќ, Ештон и Клинтон не поставија ултиматум за воведување на реформи во српското судство или за подобрување на односите со Косово.

Дачиќ подвлече дека никој не ја притиска Србија да стори нешто што не може да стори, како што е признавање на Косово. Српскиот премиер истакна дека Србија ги подобрува односите со Косово бидејќи тоа е од корист за обете земји.

Тој додаде дека Белград е определен сите проблеми со Косово да ги реши на мирен начин бидејќи новата генерација Срби не заслужува овој проблем да остане неразрешен.

Државната секретарка Клинтон изјави дека САД се залагаат новите парнерства да резултираат со подобрување на животот на идните генерации Срби.

„Добро образована, технолошки вешта, со богата култура, оваа популација заслужува да има економски можности, заслужува да има иднина во Европа, заслужува да ги има истите можности како и сите млади Европејци“.
Клинтон и Ештон за време на посетата на Косово ќе имаат и средби со претседателката Атифете Јахјага и премиерот Хашим Тачи.
XS
SM
MD
LG