Линкови за пристапност

Ештон и Клинтон во Приштина


САД, европските и косовските претставници работат на подобра интеграција на етничките Срби во северно Косово.

Подобрување на условите за етничките Срби во северно Косово е главно прашање за шефицата за надворешна политика на ЕУ Кетрин Ештон, кога станува збор за актуелниот дијалог меѓу Белград и Приштина.

„Се работи за нормализирање на животот, така што луѓето кои живеат на север ќе можат да продолжат со секојдневните активности, да се чувствуваат дека се дел од општеството“.

Ештон, државната секретарка Хилари Клинтон и косовскиот премиер Хашим Тачи денеска се состанаа во Приштина.

Клинтон истакна дека САД тесно соработуваат со ЕУ да ја потенцираат загриженоста на Србите на Косово преку овој политички дијалог.

„САД ги повикуваат сите инволвирани страни да продолжат да работат на имплементација на досега постигнатите договори, да постигнат договори во нови области и да применат конкретни мерки за нормализирање на односите. Нормализирање на односите е клучно за натамошен напредок и за Србија и за Косово“, подвлече Клинтон.

Премиерот Тачи вели дека е постигнат голем успех во интегрирање на Србите на југот, но предизвици и натаму има на северот.

„Јас сум премиер на сите граѓани, и на граѓаните на север и на југ. Гарантирам дека ќе им служам на сите“, изјави Тачи.

Клинтон стави јасно на знаење дека во рамки на дијалогот не се доведени во прашање „јасните и веќе поставени“ граници.

САД се цврсто определени за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово.

И Косово и Србија имаат инспирации за членство во ЕУ, а решавање на прашањето на Србите во северно Косово е дел од тој процес. Премиерот Тачи на ова изјави:

„Денешно Косово не е Косово за кое сонуваме. Сепак, постојано работиме на европско Косово, за евро-атланско Косово. Претпазливи сме дека треба да сториме повеќе кога станува збор за владеење на правото, справување со корупцијата и организираниот криминал, влијателно вклучувајќи ги општините со малцинства во јавниот и институционалниот живот на Косово.

Ештон вели дека претстои уште многу работа, меѓу што и квалификација за членство во ЕУ.

„Тоа вреди да се направи бидејќи на крајот ќе добиете држава која е посилна економски и политички, каде владеењето на правото се почитува, исто како и човековите права“, подвлече Ештон.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон изјави дека САД ги поддржуваат аспирациите на Косово и неговите соседи за целосна интеграција во ЕУ, бидејќи тоа обезбедува најсигурен начин за долгорочна стабилност, просперитет и мир за населението ширум Балканот.
XS
SM
MD
LG