Линкови за пристапност

НАТО го истражува уривањето на хеликоптерот во Авганистан


НАТО го истражува уривањето на хеликоптерот во Авганистан
НАТО го истражува уривањето на хеликоптерот во Авганистан

Мнозинството загинати се припадници од елитните американски сили

НАТО работи на обезбедување на локацијата каде се урна воен хеликоптер во централен Авганистан од проектил на бунтовниците, при што загинаа 38 лица, вклучувајќи и дваесетина членови на елитната морнаричка единица SEALS.

Саботнaта несреќа во провинцијата Вардак е најсмртоносна по американските сили од почетокот на еднодецениската војна.

Хеликоптерот Чинок се урна за време на операција против Талебан во долината Танги. Во уривањето загинаа 30 американски војници, седум авганистански војници и еден преведувач.

НАТО јави дека операцијата почнала како потрага по талебански командант. Копнените сили побарале дополнителна помош за мисијата, а хеликоптерот што бил соборен бил испратен на локацијата како поддршка.

Коалиционите сили пренесоа дека истрагата е со цел да се утврди причината на несреќата. Портпаролот на НАТО, бригадниот генерал Карстен Џејкобсон, изјави дека локацијата е обезбедена и никој нема дозвола да мине во областа додека трае истрагата.

Дваесет и двајца од загинатите се членови на елитните единици SEAL, од истата единица која го уби лидерот на Ал-Каида Осама бин Ладен. Официјални лица потврдија дека ниту еден член од загинатите не учествувал во мисијата за елиминирање на бин Ладен.

Портпаролот на НАТО најави дека и покрај “трагичната загуба“, воената кампања против бунтовниците ќе продолжи.

Претходно во понеделникот, друг хеликоптер имаше принудно слетување во источната авганистанска провинција Пактиа. НАТО јави дека нема загинати и нема извештаи за присуство на непријателски сили во областа. Причината за инцидентот се истражува.

XS
SM
MD
LG