Линкови за пристапност

Опозицијата ќе дејствува на улица


Најави блокади на сообрајќници во градовите низ цела Македонија.

Опозицијата ќе дејствува на улица. По одлуката нејзините пратеници да го напуштаат Собранието, водачот на СДСМ Бранко Црвенковски најави дека опозиционерите ќе дејствуваат со граѓанска непослушност.

„Ќе организираме и поддржуваме секаков облик на граѓански отпор и непослушност. Ќе организираме и поддржуваме секаков вид митинзи, протести, блокади на сообраќајници“, рече Црвенковски.

Некои од активностите ќе бидат најавени, а некои не, според првиот човек на СДСМ.

Во сабота напладне, според најавеното, опозицијата ќе организира протест пред главното седиште на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

Црвенковски рече и дека нема да излезе ниту на локални, ниту на предвремени парламентарни избори се` додека опозицијата не добие гаранции дека изборите ќе бидат фер и демократски.

На најавите на опозицијата реагираше премиерот Никола Груевски. Според него, изјавата на Црвенковски е уште еден доказ дека тој сака да се врати на власт со сила.

„Тој денеска не изнесе барања, туку едноставно сака да дојде на власт по насилен пат, со блокади, уцени, собирање народ, со вжештување на атмосферата, со вртење на луѓето едни против други, со немири и секакви проблеми кои и вчера се обиде да направи, обидувајќи се да влезе во Парламентот и со насилство да го запоседне“, изјави Груевски.

Според Груевски, Црвенковски е човек кој е патолошки зависен од власт.

„Забележувам дека во сите настани кои го рушат имиџот на државата во последните години директно учествува самиот Црвенковски. Останува на неговото членство да оцени и да одбере дали ќе го вложи својот личен углед”, изјави премиерот.

Пратениците од опозицијата најавија дека ќе поднесат кривични пријави против претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, вицепремиерот Зоран Ставрески и против четири лица кои заедно со обезедувањето, според нив, ги истерале од собраниската сала.

СДСМ смета дека се прекршени повеќе членови од Законот за Собрание, Деловникот на Собранието и Уставот.
Во врска со најавите на претениците од опозицијата дека ќе поденсат тужби, со реакција истапи МВР.

Ицидентите во собраниската сала, соопшти МВР, започнаа кога некои од пратениците со насилно и недолично однесување се обидоа да го блокираат одржувањето на закажаната седница и да го оневозможат мнозинството да ги извршува обврските кои произлегуваат од функцијата и мандатот што им го доверија граѓаните. Според нив, имало и напад врз институцијата Претседател на Собранието. Од собраниското обезбедување, согласно Законот за Собрание и Деловникот за работа на Собранието, било побарано да се обезбедат услови за одвивање на седницата, се наведува во соопштението. Собраниското обезбедување, според сите протоколи за работа, тврди МВР, постапи крајно професионално и создаде ред во салата овозможувајќи мнозинството пратеници да работат, иако имаше насилни и агресивни испади и провокации кон нив,се вели во соопштението на МВР.

За случувањата во Собранието загриженост изрази и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Хелсиншкиот комитет констатира дека со ваквите дејства се врши удар на уставниот поредок, а случувањата претставуваат досега невиден застрашувачки преседан спротивен на основните принципи на правната држава и владеењето на правото.

„Особено загрижува фактот што пратениците од опозицијата изјавија дека биле насилно отстранети од собраниската сала од страна на припадници на специјални полициски единици“, се наведува во соопштението на Хелсиншки комитет.

Комитетот укажува дека во согласност со Деловникот за работа на Собранието, спикерот заради одржување на редот може да даде наредба за отстранување на еден пратеник, но не и на цели пратенички групи. Во случај да не може да се одржи редот во собраниската сала, најпрвин тој треба да даде две усни опомени, а доколку и тоа не придонесе за воспоставување на редот, да одреди краток прекин на седницата. Комитетот наведува дека поседува фото- и видео-материјали од настаните во Собранието, кои на јавноста ќе и бидат презентирани во вид на посебен извештај.

Во врска со инцидентot кога новинарите беа отстранети од галеријата на Собранието од каде се следат седниците, Здружението на новинарите на Македонија соопшти дека „ги прекинува разговорите со Владата, се додека не се врати уставниот поредок во Македонија и додека извршителите на насилното однесување кон новинарите не бидат откриени и казнети согласно законот“.

„Наредбодавачите на овој срамен чин ја официјализираат цензурата и одлучија да кажат што смеат, а што не смеат да следат новинарите. Новинарите насилно избркани, со ништо не ја предизвикаа оваа реакција на обезбедувањето“, изјави претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

Премиерот Груевски изрази жалење за овој инцидент. За ЗНМ, оваа изјава не е доволна се` додека не се утврди кој бил одговорен за инцидентот и спречувањето на новинарите во извршувањето на нивната професионална должност.
XS
SM
MD
LG