Линкови за пристапност

Усвоен буџетот со инциденти пред и во Собранието


Внатре - отстранети пратеници на опозицијата. Надвор - со камења, јајца и шишиња се гаѓаа приврзаници на Владата и на опозицијата.

Со инциденти во и пред Собранието на Република Македонија, беше усвоен буџетот за 2013-та. Седницата беше одржана без пратениците од опозицијата кои претходно се обидуваа да го спречат спикерот Трајко Вељановски да ја започне седницата.

„Собранието го донесе буџетот на Република Македонија. Најголем аплауз треба да им се даде на граѓаните на Република Македонија. Сето ова што треба да го направивме, го правиме за граѓаните, јас сум цврсто уверен во тоа“, изјави Вељаноски.

За да се одржи седницата, интервенираше обезбедувањето кое ги отстрани пратениците од опозицијата. Вељановски оваа го оправдува со неможноста да се одржи седницата, но и со обидите, како што рече, да биде физички нападнат.

Пратениците од опозицијата, пак, се пожалија дека се насилно отстранети.

„Со сила не избркаа од салата. На пратениците Шеќеринска и Вељановски им беше неопходна итна помош. Не знам во каква состојба се“, изјави пратеникот на СДСМ Емилијан Станковиќ.

Од седницата беа отстранети и новинарите.

“Не` туркаа, не` бркаа како да сме најголеми криминалци. Ги прашувавме зошто го праваат тоа, но не ни дадоа објаснување“, изјави претседателот на Здружението на новинарите Насер Селмани.

Претходно, во турканици настрадаа и пратеничките од опозицијата Весна Бендеска и Билјана Казанџиска, кои со итна помош се пренесени во ургентен центар. Од СДСМ велат дека повредите се добиени од обезбедувањето на Вељаноски.

Додека се случуваше сево ова во Собранието, надвор, на улицата пред зградата се случија повеќе инциденти меѓу стотиците насобрани приврзаници на Владата од една, и опозицијата од друга страна. Толпите пред Градската болница во Скопје се гаѓаа со камења, јајца и шишиња. Во меѓусебната пресметка се повредени двајца од приврзаниците на опозицијата. Полицискиот кордон спречи инциденти од поголеми размери. Со подржувачите на опозицијата пред Собранието беа и лидерите на опозициските партии. На насобраните поддржувачи на опозицијата пред Собранието им се придружија и опозициските пратеници.
XS
SM
MD
LG