Линкови за пристапност

Опозицијата го напушти Собранието


САД и ЕУ апелираат да се почитуваат Уставот и парламентарните процедури.

Опозицијата ја напушти работата на Собранието. Оваа одлука ја соопшти претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, по инцидентите што се случија во Собранието.

„Од утре почнува општа граѓанска непослушност. За слобода, за демократија, за подобра Македонија. Денес ги гледав оние платеници и послушници на власта со нивните плакати на кои пишуваше: „Бранко готов си! Бранко оди си!“ Сакам да им кажам нешто. Дури дишам и дури мрдам, ќе продолжам и не се повлекувам од оваа битка. Ова е наша земја, ние ја градевме и создававме и пак ќе ја ослободиме. Од утре почнуваме, одиме до крај, запирање нема, рече Црвенковски пред приврзаниците на опозицијата насобрани пред зградата на Собранието.

По ваквиот развој на настаните, на јавноста` и се обрати и премиерот Никола Груевски, со обвинување на сметка на Црвенковски, дека се обидел насилно да ја смени власта.

“Бранко Црвенковски заедно со 3.000 свои приврзаници се обиде да ја освои власта. Му се спротистави народот. На Бранко му се случи народ. Така е тоа кога некој во демократска држава ќе се обиде да освои власт насилно“, изјави Груевски.

Со реакции за денешните случувања во Собранието истапија од амбасадите на САД и ЕУ.

„Мирното изразување на различните мислења е основата на секоја силна и демократска држава, а употребата на насилство од било која инволвирана страна го подрива тој систем и нанесува штета на неговата способност да владее одговорно. САД ги поттикнуваат лидерите на сите политички партии и нивните следбеници без одлагање да стават крај на овие конфронтации”, велат од американската амбасада.

Од делегацијата на Европската унија во Скопје изразија загриженост и разочараност од политичките судири во изминатите два дена, во и околу Собранието, и порачааа сите страни итно да ги прекинат сите агресивни и провокативни акции.

И САД, и ЕУ, апелираа партиите да се однесуваат на начин во согласнот со правото,Уставот и договорените парлементарни процедури.
XS
SM
MD
LG