Линкови за пристапност

Борбата против дискриминацијата во Македонија се` уште неефикасна


Снимка од Интернет-страницата на Комисијата за заштита од дискриминацијата
Снимка од Интернет-страницата на Комисијата за заштита од дискриминацијата

Невладините организации реагираат на годишниот извештај на Комисијата задолжена за проблемот која тврди дека сепак, борбата се подобрува.

Комисијата за заштита од дискриминацијата во својот годишен извештај констатира дека граѓаните и правните лица најмногу се жалат од Министерствата за внатрешни работи, здравство, труд и социјална политика, како и од органите на локалната самоуправа.

Според наодите на Комисијата, и натаму најголем проблем е дискриминацијата на национална основа, а меѓу најдискриминираните се припадниците на ромската етничка заедница.

Во 2012-та, во Комисијата пристигнале вкупно 75 преставки, а постапките биле завршени во 43. Предничат оние врз основа на етничка припадност, потоа поради здравствената состојба, а трети се маргинализираните групи, како ЛГБТ-популацијата.

„Позитивен е фактот дека мнозинството од потенцијалните дискриминатори - државни органи, по препорака на Комисијата, покажаа подготвеност да ја отстранат повредата на првото, дури некои од нив и при самиот процес на решавање на претставката го повлекуваат дејството на дискриминација, така што некои од претставките се решаваат успешно и стануваат безпредметни. Меѓутоа, за жал, мора да се напомене дека постојат и оние кои ги игнорираат препораките“, се вели во извештајот на Комисијата.

На извештајот реагираа невладните организации.

„Забележлива е праксата на Комисијата на усвојување мислења со кои ја прекинува постапката, користејќи образложение дека постапките се беспредметни, бидејќи повредата на правото е отстранета од страна на потенцијалните дискриминатори, без притоа да утврди дали во конкретниот случај постоела дискриминација“, стои во соопштението на Мрежата на невладини организации за заштита од дискриминација.

Критички кон работата на Комисијата се осврнаа и од Институтот отворено општество. Во извештајот недостасува препорака за надминување на состојбата со огромниот процент на молчењето на администрацијата при остварувањето на правото на пристап до информации од јавен карактер, според изјавата на Институтот, кој бара од Собранието да не го усвои извештајот.

Од Комисијата, пак, велат дека борбата против дискриминацијата се подобрува и за илустрација потенцираат дека во тек е решавањето на првиот случај воопшто, во Основиот суд во Штип, во кој директор на училиште е обвинет дека по разни основи дискриминирал еден од професорите.

Состојбата со дискриминацијата ја следи и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Според извештаите на комитетот, бројни се случаите на дискриминација по национална основа, како и по основа на сексуална ориентација. Хелсиншкиот комитет забележал и голем број на случаи на дискриминација од страна на државните органи.

“Законот за превенција и заштита од дискриминација е проблематичен бидејќи не е усогласен со европските директиви и домашното законодавство во обезбедување на ефективна судска заштита од дискриминација. Односно, истата е оневозможена затоа што законот не е усогласен со националното законодавство за водење на постапки пред надлежен суд согласно Законот за парнична постапка. Стручноста, компетентноста на вработените и административните капацитети на Комисијата исто така се недоволни. Согласно законот, Комисијата има широки надлежности и мноштво обврски кои седуммината т.н. комисионери не можат да ги извршуваат без административен кадар, а воедно имаат двојни функции, односно дел од нив се вработени во Комисијата, но се јавуваат и како советници во Министерството за труд и социјална политика”, ни изјави извршниот директор на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пирговска.

Проблемите со дискриминацијата, особено кон Ромите, беа лоцирани и во годишниот извештај за човекови права на Стејт департменот. Во него се наведува дека Комисијата нема моќ да одредува казни за прекршителите, како и дека јавноста во голем дел не знае за нејзиното постоење.
XS
SM
MD
LG