Линкови за пристапност

ОН нишани на расизмот во спортот


Кевин-Принс Боатенг, во дресот на Милан со порака против расизмот
Кевин-Принс Боатенг, во дресот на Милан со порака против расизмот

Светската организација бара чиновите на нетрпеливост и предрасуда на теренот и на трибините да се третираат како кривично дело.

Обединетите нации поведоа битка против расизмот во спортот. Псебна мотивација Светската организација да ги здружи силите со фудбалерите и фудбалските работници беше потегот на играчот на Милан, Кевин-Принс Ботаенг, кој во јануари напушти натпревар поради расистички извици од трибините.

Боатенг изненади многумина кога, придружуван од соиграчите, го напушти теренот на пријателскиот натпревар против екипата на Про-Патрија. Тој не жали што го заврши мечот по само 25 минути.

„Бев лут и навреден од расистичките навреди од публиката. Веста дека целиот тим на Милан е обединет против расизмот се најде на насловните страници насекаде во светот. Тоа е причина што сум тука“, кажа Боатенг на неодамнешната тркалезна маса за елиминирање на расната дискриминација во спортот, во организација на ОН, на која учествуваше со неколкумина други играчи и спортски работници.

26-годишниот Боатенг е роден во Берлин. Татко му е од Гана, а мајка му е Германка. Настапува за репрезентацијата на Гана. Вели дека не жали што го напуштил натпреварот и додава дека ако не се преземе нешто против расизмот, тој само ќе се шири.

„Треба постојано да му се спротиставуваме, без разлика дали се работи за финале во Лигата на шампионите, на Светското првенство, или пак пријателски натпревар. Се надевам дека не ќе треба да го сторам истото повторно, но би го сторил, дури и да е некое финале“, тврди Боатенг.

Легендарниот играч од средниот ред и поранешен капитен на француската репрезентација, Патрик Виера, го поддржа Боатенг. Дециден е - расизмот е неприфатлив и за него нема место во спортот.

„Ако споредиме, каква беше состојбата на терените претходно, неговиот потег ја подобри ситуацијата. Тоа беше голем чекор и затоа сега одиме напред“, вели Виера.

Сепак, високата комесарка за човекови права на ОН, Нави Пилај, укажува дека и натаму има инциденти на спортските натпревари.

„Навреди, нацистички поздрави, петиции против одредени играчи, па дури и систематско блокирање врз основа на бојата на кожата или националноста. За такви одвратни чинови на нетрпеливост и предрасуда нема место во 21-от век. Тоа е прекршување на човековите права“, кажа Пилај, додавајќи дека таквото прекршување е кривично дело и дека треба да се третира како такво.

Според советникот на УЕФА, Вилијам Гајлард, неговата организација има нула толеранција за расизмот и дискриминацијата.

„Горди сме на тоа. Расизмот, антисемитизмот, половата дискриминација и хомофобијата во спортот се исто толку неприфатливи колку и во животот“, кажа Гајлард.

Федерико Адичи, кој раководи со програмите за социјална одговорност на ФИФА, информираше дека организацијата формирала работна група против расизмот. Дел од нејзината задача ќе биде да ги едуцира навивачите и да инспирира позитивно однесување преку фудбалот.

„Казните не се доволни. Одземањето на поени може да испрати ефектна порака. Уште поефектно би било исклучувањето од натпреварување. Ако толерирате или замижете пред расизмот, ќе се соочите со последици. Тоа е пораката што ние како фудбалски власти треба да ја упатиме“, резонира Адичи.

Членовите на работната група сметат дека не се потребни нови закони за искоренување на расизмот од спортските арени. Тоа што недостига е фудбалските власти и владите да ги применуваат правилата - што веќе постојат.
XS
SM
MD
LG