Линкови за пристапност

Протест против наводна дискриминација на Ромите


По обвинувањата за дискриминација на Ромите од менаџментот на Скопје Сити Мол, на социјалните мрежи се формираше група за подршка на Ромите со барање акција

„Европскиот центар за правата на Ромите во целост ги осудува постапките на раководството на Скопје Сити Мол, со кои се прекршиле одредбите на Уставот, на Законот за заштита и превенција од дискриминација, на Законот за работни односи, како и меѓународните стандарди за човекови права“, се вели во соопштението на оваа организација, по повод тврдењата на фирмата Лендсервис дека раководството на трговскиот центар Скопје Сити Мол им упатило барање за отстранување на работниците Роми од Одделот за храна.
Според центарот „колективно таргетирање на вработени врз основа на нивното етничко потекло не е прифатливо“, а за случајот се заинтересирале и Хелсиншкиот комитет, Народниот правобранител и Министерството за труд и социјална политика.

Фирмата Лендсервис која ја одржувала хигиената во новиот скопски трговски центар сопшти дека раководството на Сити Мол без образложение побарало со протокол за работа испратен по електронска пошта – до средата да се отстранат сите работници од ромска националност од Одделот за храна.

„Ние како компанија не го исполнивме тоа барање, бидејќи сметаме дека со тоа барање најгрубо се кршат основните човекови права, се врши расна дискриминација и сето тоа од најодговорните менаџери во Скопје Сити Мол. Откако не го исполнивме ова нивно барање, ние како компанија повеќе не работиме во Скопје Сити Мол и сметаме дека ова беше причина со која тие ни ја прекинаа соработката“, пишува во дописот на фирмата Лендсервис до Радиото МОФ. На прес конференција, управителката на Лендсервис, Анета Милошева - Николаиду изјавила дека два пати, усно и писмено, им било побарано Ромите да се отстранат од работа. Таа рече дека во фирмата имаат вработени од сите националности и дека досега усно добивавале пофалби за нивното работење и за хигиената во трговскиот центар. Причината за откажување на понатамошната соработка од Скопје Сити Мол ја гледаат во неизвршуваањето на налогот за отстранување на вработените Роми.

Раководството на Скопје Сити Мол демантираше дека постои дискриминација по национална основа врз Ромите, излегувајќи со став дека прекинот на соработката со Лендсервис е само поради „исклучително нискиот квалитет на нивните услуги“ и поради наводни бројни поплаки од посетителите и закупците на деловниот простор. Според нив, до злонамерните обвинувања дошло откако била прекината соработката заради неквалитетните услуги. Од Скопје Сити Мол тврдат дека се пример на мултинационален комерцијален проект во кој се вработени припадници на многу националности, и дека заради неоснованите и лажни обвинувања ќе ја тужат фирмата Лендсервис.

Од друга страна, и Лендсервис најавува тужба поради бесправно раскинување на договорот и мобинг над вработените, како и кривична пријава за дискриминација по етничка основа од страна на ооддлени раководители.

Откако една од вработените во Лендсервис, за А1 Он изјави дека била малтретирана од надреден од Скопје Сити Мол, иако била бремена, и тврдеше дека имало викање и закани кон сите вработени кои наводно биле изложени на психичко и физичко малтретирање, а дека таквиот однос бил најизразен токму кон Ромите, активисти од невладини организации, со пароли „И јас сум Ром!“, вчера одржаа мирен протест. На протестот го осудија односот на раководството на трговскиот центар, и апелираа до надлежните да се испитаат обвинувањата на Лендсервис.
XS
SM
MD
LG