Линкови за пристапност

Новинарите на удар!


Новинарите на удар!
Новинарите на удар!

Медиумите на притворениот сопственик Велија Рамковски во опасност да згаснат

И покрај најавите дека вчерашниот број ќе им биде последен, весниците „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“ и понатаму ќе се печатат, се` додека има залихи хартија.

Издавачот „Плус продукција“ соопшти дека соочуваќи се со финансиски потешкотии, весниците во наредниот период ќе бидат со намален број на страници и ќе излегуваат само во црно-бела техника, а неофицијалните проценки во медиумите се дека хартија и материјал за печатење има само до следната недела.

Управата за приходи на продукцијата на медиумскиот магнат Велија Рамковски, кој поради аферата „Пајажина“ од декември минатата година е во притвор, и` испорача извршно решение со кое побарува еден милион евра наводно затаен данок. Покрај трите весници, на удар е и ТВ А1 на истиот сопственик, од која УЈП бара износ од 9,5 милиони евра! Според поранешните јавни настапи на првиот човек на УЈП Горан Трајковски, се работи за даночни решенија по основ на ДДВ, данок на добивка, вработување, социјално осигурување, пресметуван за пет години наназад.

Поради побарувањето, сите пари кои се слеваат на сметките на весниците и на ТВ станицата ќе ги презема УЈП. Со оглед дека УЈП не смее да го попречи работењето на медиумите со одземање движен и недвижен имот кој е неопходен за нивно непречено функционирање, најверојатен исход е дека ако не успее да ги наплати долговите во пари, Управата, како доверител, по истек на рокот од 45 дена, ќе побара отворање стечај, пред се` за ТВ А1.

Сметката на ТВ А1 е веќе со месеци блокирана од судот за два милиона евра, односно, според дел од експертите, на дело е апсурна ситуација во која две државни институции, УЈП и Судот, блокираат иста сметка за исти пари и за исти документи.

Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнал изјави дека „во оваа ситуација, кога сметките се замрзнати од страна на судот заради плаќање на даноци, судот и по закон има обврска, како добар домаќин, да постапува со тие средства и судот може во договор со управителот на А1 Телевизија да донесе заклучок дека тие средства, бидејќи се замрзнати заради плаќање данок, треба да бидат ослободени, за да не се попречи понатамошното работење на тој правен субјект, односно за да биде платен данокот“.

Судирот меѓу актуелната власт и критички настроените медиуми во сопственост на Рамковски, лоцирани на скопската улица „Перо Наков“, трае веќе седум месеци, од упадот на полицијата и на државните инспекциски органи во медиумите, по што, на 23-ти декември минатата година, беше уапсен сопственикот и дел од неговото семејство и им беше изречена мерка притвор на 22 лица, под сомнение за сторени дела злосторничко здружување, перење пари, злоупотреба на службеното овластување, даночно затајување и оштетување на доверители.

Опозицијата и дел од медиумската сфера во Македонија го оценуваат притисокот врз весниците и телевизијата како туркање на државата во медиумски мрак и едноумие.

Последното судење за случајот “Пајажина“ беше на 23-ти јуни, а следното е закажано за 4-ти јули, но во јавноста не престануваат шпекулациите за наводните заткулисни игри во случајот.

Порталот www.sky.mk, објави дека „високи функционери во полициските служби се заинтересирани да ја превземат А1 преку странски фондови“, со што исклучително критички настроената ТВ А1 за два месеца би ја сменила концепцијата и би станала провладин медиум. Порталот дури шпекулира и дека е веќе предвидено главен и одговорен уредник на ТВ А1 да стане „една од главните уреднички на ТВ Сител“, а како нови вработени се спомнуваат одделни новинари од провладините медиуми - ТВ Сител и дневниот весник Вечер.

И додека се чека разврска со медиумите од „Перо Наков“, продолжуваат скандалозните настани околу судењето за аферата „Пајажина“. Деновиве беше обелоденето дека и Судскиот совет ќе ги разгледува записниците од судењето, откако адвокатите на обвинетите објавија дека по електронски пат од судот добиле однапред подготвени записници, што е преседан во македонското судство. Според нив, записниците содржат работи што не се ни случиле: целиот тек на главниот претрес, и распитот на обвинетите до доказната постапка!

Притворениот сопственик на ТВ А1 Рамковски изрази отворено сомневање дека се работи за политички монтиран случај во кој и „пресудата е однапред напишана“

Откако претседателката на Судот го одби барањето одбраната судијката Павлина Христова поради скандалот да биде изземена од случајот, сега Судскиот совет ќе ги разгледува аргументите на судијката Христова, според која до скандалот дошло поради техничка грешка на дактилографката, која на барателите им испратила документи што не биле за нив, односно, дека записниците биле изготвени од компјутерска програма со однапред впишани детали.

Колкава е напнатоста во медиумската сфера во Македонија покажува и примерот на вториот сопственик на три дневни весници, „Медиа Принт Македонија“, македонската фирма на германскиот издавач ВАЦ. По поставувањето на нов главен уредник и менувањето на уредувачката политика на некогаш најреномиран дневен весник „Дневник“, зовреа и односите на релација „Утрински весник“ – менаџмент на МПМ. По спонтантаниот прекин на работа на новинарите на „Утрински весник“ минатиот петок, до кој дојде откако од менаџментот на новинарите им било соопштено дека до септември, најмалку десетмина од 40-тина новинари ќе бидат отпуштени од работа, реагираше и Здружението на новинарите на Македонија. Според сооппштението до јавноста, ЗНМ „силно се солидаризира со колегите од `Утрински весник` кои се противат на намерата на менаџментот на МПМ да отпушти од работа десет новинари“. Здружението бара сопствениците да се откажат од намерата да отпуштат новинари од работа и веднаш да влезат во преговори со синдикатот за да се изнајде друго решение за проблемите. ЗНМ бара од менаџментот на МПМ и раководството на весникот и „да престанат со притисоците врз новинарите, кои се противат на отпуштање на новинари како еднострана мерка за рационализација на трошоците во весникот“.

ЗНМ ја поддржува и акцијата на новинарскиот синдикат за солидаризирање со колегите на „Утрински весник“ преку потпишување на изјава за поддршка и го повикува своето членство масовно да се приклучи на акцијата. Водачката на новинарскиот синдикат Тамара Чаусидис изјави за медиумите дека има впечаток оти „доколку сите се качат на бродот и сфатат дека иднината на весникот и на секое работно место поединечно е во заедништвото“ и изрази умерен оптимизам дека „Утрински весник“ утре може да биде и пример за тоа како сепак, заедништвото, и солидарноста можат да го победат“.

Од друга страна, синдикалниот претставник во „Утрински весник“, новинарката Маја Томиќ, по средба со раководството на МПМ, за медиумите изјави дека Синдикатот се договорил со менаџментот да се направи обид за намалување на трошоците, со што весникот би опстанал - без отпуштање на вработените. „Ќе се обидеме од се по нешто да скратиме и да добиеме некоја сума која што е прифатлива и реална и која што ќе ни даде виза да продолжиме и понатаму. Подготвени сме и да намалиме од нашите плати, да скратиме од секојдневните трошоци што ги имаме, како телефони. Ќе се обидеме да направиме најдобро и се надеваме дека ќе опстанеме“, вели Томиќ.

XS
SM
MD
LG