Новиот состав на Собранието на едно од своите први заседанија ги усвои измените во Законот за Советот за радиодифузија, со што се менува структурата и бројот на членовите на Советот од 9 на 15.
Одлуката донесена по предлог на Владата во заминување наиде на остри реакции во јавноста. На критика е изложена постапката во која беа усвоени измените на Законот.
Здружението на новинари смета дека вакви измени не смеат да се прават без поширока јавна дебата во која ќе учествуваат и претставници на медиумите засегнати од измените.
Со сличен став истапија и од Синдикатот на новинарите. Нивните ставови денес ги поддржа и Хелсиншкиот коимитет за заштита на човековите права.
„За жал, сé поочигледно е дека власта нема слух за демократските потреби и придобивки, што се докажува и со изгласувањето на измените во Законот за радиодифузна дејност, со кои се менува структурата и бројот на членовите на Советот за радиодифузија од 9 на 15 членови“ ,стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет.
Комитетот смета дека измените отвораат можност владата да врши влијание преку членовите што таа ќе ги кандидира и потенцира на замерките за истото на повеќе тела од оваа професија – Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници.
Се огласија и странските фактори, особено за тоа што измените биле донесени без претходни констултации со медиумските чинители и без јавна дебата.
„Ние постојано ја промовираме важноста на независни регулаторни тела кои ќе го надгледуваат точното, информативно, независно и квалитетно емитување. Во ова насока, од близу ја следиме дебатата во земјата која се однесува на измените и дополнувањата на Законот за радиодифузна дејност. Внимателно ќе ги анализираме измените и дополнувањата на Законот и ќе ги оцениме во светло на релевантните европски стандарди. Изненадени сме дека Законот за радиодифузна дејност доби амандмани, очигледно без консултација со медиумите или јавна дебата“, реагираше канцеларијата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Словенечкиот европратеник Јелко Кацин изрази загриженост за задушување на медиумските слободи во Македонија.
За претседателот на Советот за Радиодифузија Зоран Стефановски, кој е на службен пат во Кина, се работи за преседан во македонската демократија, и тој најави дека ќе го пријави случајот кај меѓународните инстанци.
Од Министерството за транспорт и врски, кое е предлагач на измените во Законот, засега нема реакција за критиките на кои наиде процедурата во која се предложија и усвоија измените.