Линкови за пристапност

Уште една немирна ноќ во „Ѓорче Петров“


Приведени преку 20 лица; полицијата употребила шок-бомби.

Вторникот нови немири во „Ѓорче Петров“ - неколку стотини демонстранти излегоа на главната улица во населбата за да го изразат револтот и гневот поради убиството на 19-годишниот Ангел Петковски.

Според очевидци, протестот брзо потоа добил насилен тек. Дошло до судири со полицијата, а таа употребила шок-бомби за да ги растера насилните групи на демонстранти коишто го нападнале полицискиот кордон.

Доцна вечерта, како што јави Министерството за внатрешни работи, протестите биле разбиени. МВР информираше дека за време на протестите во неколку наврати биле фрлани камења и метални предмети кон полицијата и оти досега има сознанија за неколку повредени полицајци и неколку оштетени полициски возила, но поточни информации ќе има откако полициските службеници ќе се вратат од терен. Во акцијата на полицијата биле приведени 27 лица поради нарушување на јавниот ред.

За време на протестите е направена материјална штета, но за неа се` уште нема проценка. Според сведоци, демонстрантите упаднале во некои угостителски и трговски објекти за кои се претпоставува дека се сопственост на лица од етнички албанска припадност.

Советот и градоначалникот на општина „Ѓорче Петров“ преку соопштение апелираа до граѓаните да го дадат својот придонес кон смирување на напнатоста што настана по убиството на Петковски. Општината ги повика и институциите на државата, и сите политички субјекти да придонесат за надминување на состојбата.

„Органите на општината сметаат дека со давањето на било каква друга политичка или меѓуетничка конотација на немилиот настан, ќе се зголемат настанатите тензии, а евентуалните последици од тоа да бидат несогледливи. Затоа случајот по апсењето на сторителот на кривичното дело мора да остане во рацете на органите на прогонот и правосудните органи“, се наведува во соопштението.

Револтот во „Ѓорче Петров“ изби по убиството на 18-годишниот Петковски од страна на за една година постар етнички Албанец, а демонстраците внесоа нова напнатост во меѓуетничките односи во Македонија.
XS
SM
MD
LG