Линкови за пристапност

Нереди во „Ѓорче Петров“ по убиството на 18-годишно момче


Скршени и запалени дуќани на сопственици - етнички Албанци, судири на локалното население со полицијата.

Веста за убиството на 18-годишното момче Ангел Петковски донесе немирна вечер во „Ѓорче Петров“. Револтирани, стотина жители на оваа скопска населба излегоа на улиците. Протестот брзо ескалираше и изби насилство, а резултатот беа скршени и запалени дуќани на сопственици - етнички Албанци и превртени контејнери. Дојде и до судири на локалното население со полицијата.

Според полицијата, убиството на Петковски се случило по обид за кражба на неговиот велосипед во дворот на куќата каде што живеел. Тој и татко му ги забележале крадците и тргнале по нив.

„Пред пешачкиот мост што води до село Сарај, го забележале осомничениот и по вербална расправија, дошло до тепачка и осомничениот најверојатно со нож го прободел Ангел во десниот граден кош. Осомничениот се дал во бегство, а таткото го однел момчето во очната болница со цел да му пружи помош. Вработените во болницата повикале екипа на Итна медицинска помош, но Ангел им подлегнал на повредите. Од страна на лекар е констатирана смрт“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека е уапсено лицето осомничено за убиството. Станува збор за 19-годишно лице што и` е познато на полицијата поради кривични дела сторени во минатото.

Полицијата информираше и дека се приведени 18 лица, со обвинение дека предизвикале нереди и матeријални штети за време на вчерашните протести во „Ѓорче Петров“. Петмина од приведените се малолетници.

Според МВР, постојат сознанија дека за денеска, во попладневните часови, постои опаснсот од организирање на нови протести во „Ѓорче Петров“.
XS
SM
MD
LG