Линкови за пристапност

Македонија нема да прими извештај на ЕК без придавката македонски


Попоски: Враќањето на придавката `македонски` би било логично од аспект на вредностите што ги промовира Европската унија.
Попоски: Враќањето на придавката `македонски` би било логично од аспект на вредностите што ги промовира Европската унија.

Шефот на дипломатијата Попоски смета дека во ЕУ е создадена критична маса за придвижување на интеграцијата на земјата.

Македонија нема да го прими годишниот Извештај за напредок на Европската комисија доколку во него, како во ланскиот, не се употребува придавката “македонски”. Ова денеска го најави шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

„Враќањето на придавката `македонски` би било логично од аспект на вредностите што ги промовира Европската унија. Дали тоа ќе се случи или не, зависи единствено од тие што го подготвуваат извештајот. Доколку би се случило тоа, би било нешто што би одело во вистинска насока. Дали Грција ќе се фокусира на отстранување на блокадата во согласност со интересот на сите земји од регионот или ќе ја троши енергијата на бришење придавки и додавки, е исклучиво прашање на нивна одлука. Сакаме да видиме дека енергијата ќе ја фокусираат на првото, а не на второто“, рече Попоски.

Шефот на македонската дипломатија смета дека во ЕУ е создадена критична маса на земји кои ја согледуваат неопходноста од придвижување на процесот на интеграција на Македонија во Унијата.

Прашан дали со оваа најава не се прави обид да се надмине грчката блокада во ЕУ, министерот Поповски одговори дека тоа не е целта на Македонија, дека земјата бара да го добие она за што ги исполнила условите и дека Македонија нема затворено ниту една врата за Грција.

„Најсилен сигнал би било доколку премиерот на Грција одговори позитивно со прифаќање средба по отворената понуда што му беше упатена од премиерот. До овој момент немаме таков одговор, и покрај конкретните сугестии кои ги дадовме“, изјави Попоски.

Ставот на грчката страна, пак е, дека македонската влада не е подготвена на соработка. „Со цел да најде решение, Грција бара кредибилен и искрен соговорник“. Скопската страна ќе треба тоа да го покаже во пракса“, реагираше грчкото Министерство за надворешни работи преку портпаролот Григорис Делавекурас при неодамнешната посета на Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун.

Во врска со можноста Македонија да побара прием во ОН под уставното име на претстојното Генерално собрание на ООН, Попоски вели дека не е исклучена ниту една можност, но дека тоа не треба да се врзува со претстојниот собир во Светската организација.

Наредната недела, Попоски ќе го придружува претседателот Ѓорге Иванов во посетата на Брисел од 3-ти до 5-ти септември. Иванов во Брисел ќе се сретне претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј, претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен и еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Централни теми на разговорите ќе бидат македонските евроинтегративни процеси и очекувањата на Македонија во однос на октомврискиот извештај на ЕК.
XS
SM
MD
LG