Линкови за пристапност

Рикер: Пристапниот дијалог - добра можност да се продолжи со реформите


Американскиот заменик-помошник државен секретар разговараше со премиерот Груевски и министерот Попоски.

Филип Рикер денес во Скопје ја пренесе пораката дека официјален Вашингтон ја поддржува Македонија во реформските процеси што треба да ја одведат во ЕУ и НАТО. За американскиот заменик-помошник државен секретар, важна алатка за продлабочувањето на процесот на реформите е започнатиот предпристапен дијалог на високо ниво со ЕУ.

„Му честитав на премиерот Груевски за работата што Македонија ја врши во однос на Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската унија. Како што знаете, САД силно ја поддржуваат интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО, што е и наша политика во однос на Македонија и на целиот регион за кој сум одговорен во Стејт департментот. Очигледно, Пристапниот дијалог на високо ниво е добра можност да се продолжи со работата на реформите во важни области како владеење на правото, слобода на медиумите. Тоа се важни прашања кои ние сме ги дискутирале повеќе пати и ќе продолжиме да ги покренуваме. Реформскиот процес е добра можност и затоа го охрабруваме прогресот во таа насока“, изјави Рикер по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски.

Пред средбата со македонскиот премиер, американскиот заменик-помошник државен секретар се сретна и со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Попоски на средбата истакнал дека Македонија очекува натамошна засилена поддршка од САД за евроатлантските интеграциони процеси.

„Во контекст на прашањето за името, Попоски нагласи дека Република Македонија останува отворена за дијалог со јужниот сосед и настојува со проактивен и конструктивен пристап да ја надмине единствената наметната препрека која ги блокира нашите европски и евроатлантски интеграции“, стои во соопштението на МНР.

МНР наведува дека Рикер нагласил дека неодамнешната посета на Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, како и неговите пораки, можат да придонесат за што поскоро изнаоѓање на заемно прифатливо решение околу името.

Во текот на наредните неколку дена Рикер ќе се сретне и со други претставници на Владата и политички лидери.
XS
SM
MD
LG