Линкови за пристапност

Грците треба да ги загрижува опасноста од етнички поделби, а не името на Македонија


Блог на познатиот познавач на состојбата на Балканот, аналитичарот Даниел Сервер

„Зошто е важно решението за името? Затоа што ја спречува Македонија да влезе во НАТО и да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. Зошто е тоа важно? Бидејќи тоа се патиштата по кои Македонија мора да напредува за да избегне влошување на своите меѓуетнички тензии, кои во најекстремната форма би можеле да доведат до тврдења за ексклузивна територијална контрола врз делови на земјата или повици за Голема Албанија или Големо Косово“, пишува на својот блог американскиот аналитичар Даниел Сервер, професорот на Универзитетот Џонс Хопкинс.

Во написот „Зомбито што го прогонува Балканот“ Сервер тврди дека опасноста од нови поделби по етничка линија е реална насекаде на Балканот и дека таа е потврдена формула за насилство, смрт и уништување од несогледливи размери.

„Прашањето е како да запре таквото насилство, бидејќи кога би започнало, би се проширило од Косово и Македонија – најмалку до Босна, а дури и до Кипар“ вели Сервер и коментира дека „Грците треба да бидат загрижени за ова, а не за името на северниот сосед“.

Сервер предлага Европејците и Американците, заедно со партнерите на Балканот да објават дека не постојат територијални решенија во регионот врз етнички линии, и дека сегашните граници се непроменливи. Вашингтонскиот аналитичар предлага неколку мерки за зацврстување на ваквата политика: имплементитација на планот на Ахтисари во северно Косово, со дополнителни детали што би се изготвиле во разговорите меѓу Белград и Приштина; членство на Македонија во НАТО под референцата ФИРОМ, согласно привремената спогодба од 1995-та и гаранција до Атина за актуелните граници, доколку таа самата побара такво нешто; преговори за членство во ЕУ само во временската рамка определена од централните влади, во случаите на Босна и Косово; строго дефинирана временска рамка за привршување на преговорите за де факто поделбата на Кипар; договор на регионално ниво дека секоја држава ќе обезбеди највисоки стандарди на човековите права за малцинствата, со периодична верификација на истото од ОБСЕ.

И официјален Вашингтон минатата недела се огласи за балканските случувања, конкретно за иницијативата на генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун лично да се заложи за побрзо решавање на спорот со името.

Помошник-државниот секретар за јавни прашања Мајк Хамер на брифинг во Центарот за странски новинари рече дека САД го делат мислењето на ОН дека постои потреба да се појде напред во преговорите.

„САД продолжуваат да ги поддржуваат тековните напори на Метју Нимиц и ОН да се реши овој спор на краток рок. Цврсто го поддржуваме активниот ангажман - директно меѓу Атина и Скопје се надеваме дека брзо може да биде постигнато решение“, рече Хамер.
XS
SM
MD
LG