Линкови за пристапност

НАТО не брза да излезе од Авганистан


Алијансата продолжува со тимската работа на виталниот принцип - паметна одбрана, рече генералниот секретар Расмусен.

Македонија останува посветена на континуирани реформи и поддршка на мировните операции за обезбедување на светскиот мир и демократијата - тоа е пораката што македонската делегација, предводена од претседателот Ѓорге Иванов и министрите за одбрана и надворешни работи Фатмир Бесими и Никола Попоски ќе ја пренесат овде, во Чикаго, на колегите од државите - членки на НАТО.

Македонија на оваа многу значајна средба, која нема да го има проширувањето на врвот на својата агенда, ќе инсистира, преку понеделничкото излагање на претседателот Иванов, билатералните и министерски средби, на значењето на македонскиот прием во Алијансата.

Според генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, ова е најголема средба на НАТО досега, со присуство на претставници од околу 60 држави и организации. Со негови зборови, "ова е самит на определба. Определба за комплетирање на транзицијата во Авганистан и за поддршка на Авганистанците да дојдат до стабилна иднина. Определба да се задржи НАТО способен за справување со предизвиците на 21-от век и за зацврстување на врските со партнерите низ светот".

Во недела во Чикаго пристигнаа светските лидери. Ова беше ден за протокол, церемонија, поздрави и неформални средби, кој завршува со работна вечера без присуство на медиуми.

На првата прес-конференција на генералниот секретар, Расмусен зборуваше за новата улога на НАТО во градење на т.н. паметна одбрана, за која рече дека е витален принцип и се заснова на помагање еден на друг, а не одбрана "одозгора".

Од она по што првиот ден на самитот во Чикаго ќе биде запаметен е средбата на Барак Обама со Хамид Карзаи, претседателот на Авганистан, каде американскиот претседател практично најави тешки денови на работа за имплементирање на зацртаната стратегија за Авганистан.

Алијансата не брза да излезе од Авганистан, и иако има рок за оваа мисија, друга почнува по неа, беше пораката до Авганистанците.

Чикаго е блокиран од демонстрации околу силно обезбедената локација во центарот на градот каде се одржува самитот, но на самото место работите се одвиваат беспрекорно. Организаторите мислеле на секоја поединост и иако делегациите и новинарите се одвоени, протекот на информации е беспрекорен.

XS
SM
MD
LG