Линкови за пристапност

Авганистан – на врвот на агендата на Самитот на НАТО


Во Чикаго членките на алијансата ќе расправаат за тоа каква улога НАТО треба да има во оваа земја.

НАТО е активен во Авганистан уште од 2003-та година, предводејќи го ИСАФ - контингентот на ОН што брои 130.000 припадници. Главната цел на овие сили е да им помогнат на авганистанските власти да дадат обезбедување и стабилност со цел да се креираат услови за реконструкција и развој.

Аналитичарите велат дека на Самитот во Чикаго ќе биде потврдена одлуката на НАТО за отстранување на сите борбени трупи до 2014-та година, а истоверемено одржувајќи долгорочно партнерство со авганистанскиот народ.

Шон Кеј од Универзитетот Охајо Веслејен, е експерт за НАТО.

„Доколку погледнете на внатрешната политика во рамки на земјите-членки на НАТО, без оглед дали е Франција или САД, каде јавната поддршка за оваа војна значително опадна, јасно е каде ќе води сево ова. Затоа прашањето за НАТО е како да се изведе постепено и одговорно повлекување од земјата што во најмала рака на авганистанскиот народ му дава можност да биде одговорен сам за себе“, вели Кеј.

Овој експерт додава дека да се сочува датумот за повлекување во 2014-та година е од клучно значење.

„Потребен е ваков рок за да испратите порака до владата на Карзаи и другите луѓе во Авганистан дека не можат да зависат од Америка во недогледна иднина. Тие треба да ја преземат одговорноста за сопствената земја. Што се однесува до нашиот ангажман во иднина, ќе биде значително намален, а во голем дел ќе биде советодавен. Истовремено битно е да се понуди и контра-разузнавачкиот капацитет“, смета Кеј.

Генералното правило на НАТО во Авганистан е „заедно внатре, заедно надвор“. Но аналитичарите велат дека Алијансата се соочува со неизбежен проблем.

Кеј додава дека претставници на НАТО за престојниот самит воедно ќе треба да и да гоубедат новоизбраниот претседател на Франција Франсоа Оланд да не ги повлекува 3.300-те француски трупи од Авганистан до крајот на годинава , како што вети за време на својата кампања.

Експертите со прогнози дека Оланд би се согласил на парцијално повлекување на францускиот контингент за да се задржи компактноста на Алијансата. Тие додаваат и дека НАТО самиот по себе не може да ја стабилизира ситуацијата во Авганистан и дека меѓународната заедница мора да ја обезбеди потребната економска и финансиска помош за владата на Хамид Карзаи. Воедно, постои и предупредување дека ресурсите се намалени земајќи ја предвид економската ситуација во повеќето од индустријализираните земји.

XS
SM
MD
LG