Линкови за пристапност

Обама домаќин на лидерите на Г-8 и НАТО самитот


За американскиот претседател Барак Обама претстојат четири дена на висока дипломатија во петок, започнувајќи со економскиот самит на Групата Осум во претседателското одморалиште Кемп Дејвид, во близина на Вашингтон.

Советникот за национална безбедност на САД Том Донилон на новинарите во четврток им кажа дека лидерите на Групата Осум на дводневниот самит се очекува да дискутираат за глобалните пазари на нафта, за енергијата и климата, транзицијата на Блискиот исток и Северна Африка, и должничката криза во еврозоната. Обама исто така ги покани лидерите на африканските нации на Бенин, Етиопија, Гана и Танзанија на самитот да дискутираат за безбедноста на храната на континентот.

Пред да замине за Кемп Дејвид, Обама ќе го поздрави новиот француски претседател Франсоа Оланд, кој даде заклетва на функцијата неделава, на прва средба лице-в-лице. Оланд се заложи за промена во европскиот фокус на мерките за штедење во справувањето со суверената должничка криза на еврозоната. Договорот за преземање на овие мерки доведе до политички застој во Грција, каде гласачите ги отфрлија политичките партии што се согласиле за драстични буџетски скратувања во замена за финансиска помош.

На Обама и Оланд во Кемп Дејвид ќе им се придружат германската канцеларка Ангела Меркел, главниот двигател на договорот за штедење во еврозоната, плус лидерите на Канада, Британија, Италија, Јапонија и Русија. Рускиот премиер Дмитри Медведев ќе присуствува на место на претседателот Владимир Путин.

Оланд исто така ќе игра централна улога во дводневниот самит на НАТО што ќе започне во недела во Чикаго. Новиот француски претседател вети дека ќе ги повлече своите трупи од Авганистан до крајот на годината – две години пред да бидат повлечени сите НАТО трупи.

XS
SM
MD
LG