Линкови за пристапност

Кремљ вели дека швајцарскиот самит за Украина, без Русија, е губење време


Илустрацијата ги прикажува знамињата на Русија и Украина
Илустрацијата ги прикажува знамињата на Русија и Украина

Кремљ денес рече дека е разбирливо што некои земји одбиваат да учествуваат на мировниот самит за Украина, организиран од Швајцарија, овој месец, бидејќи на собирот му недостасуваат јасни цели и оти е апсурдно да се одржи без Русија.

Украина соопшти дека повеќе од 100 земји и организации се согласиле да присуствуваат на самитот на 15-16 јуни, на кој Москва не е поканета.

„Ова е целосно апсурдна активност, ова е безделничење“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Тој рече дека е очигледно дека од состанокот не може да се очекуваат резултати и „затоа многу земји не сакаат да губат време“.

Како удар за украинскиот претседател Володимир Зеленски, Кина рече дека нема да учествува - нешто што претседателот на рускиот парламент Вјачеслав Володин го забележа со задоволство во објавата на Телеграм денес.

Тој ги наведе извештаите во медиумите дека ниту Саудиска Арабија нема да оди, иако кралството јавно не го објави својот став за самитот.

Песков рече дека тоа е суверена работа за Саудиска Арабија.

Американската потпретседателка Камала Харис и советникот за национална безбедност Џејк Саливан ќе присуствуваат на мировната конференција за Украина во Швајцарија на 15 јуни, соопшти Белата куќа во понеделникот.

Средбата се одржува во клучен период во третата година од војната во Украина, каде руските сили забележаа низа постепени придобивки од февруари.

Во последниве недели, голем број земји од НАТО рекоа дека ќе дозволат Украина да напаѓа цели во Русија со оружје што го доставиле до Киев, нешто што претседателот Владимир Путин предупреди дека може да ескалира во глобален конфликт.

Русија вели дека е отворена за дијалог врз основа на „новите реалности“ што ги создаде на теренот, каде што нејзините сили контролираат околу 18 отсто од Украина.

Киев вели дека мирот може да се заснова само на целосно повлекување на сите руски сили и обновување на нејзиниот територијален интегритет.

XS
SM
MD
LG