Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денес изјави дека САД би можеле да се соочат со „фатални последици“ доколку ги игнорираат предупредувањата на Москва да не ѝ дозволат на Украина да користи оружје обезбедено од Вашингтон за да напаѓа цели во Русија.
Рјабков ја коментираше одлуката на претседателот Џо Бајден од минатата недела, да одобри употреба на оружје испорачано од САД за да се погодат цели во Русија, кои биле инволвирани во нападите врз украинскиот регион Харков.
„Би сакал да ги предупредам американските лидери за погрешни проценки кои би можеле да имаат фатални последици. Од непознати причини, тие ја потценуваат сериозноста на одбивањето што може да го добијат“, државната новинска агенција РИА го цитираше Рјабков.
Тој се осврна на минатонеделните коментари на претседателот Владимир Путин, кој рече дека земјите на НАТО се играат со оган и ризикуваат подлабок глобален конфликт - едно од серијата предупредувања од Москва за ризикот од сериозна ескалација.
Путин упати „многу значајно предупредување и тоа мора да се сфати со најголема сериозност“, додаде тој.
Путин рече дека Западот ќе биде директно вклучен во каква било употреба на неговото оружје од страна на Украина за да нападне длабоко во Русија, бидејќи за такви напади ќе биде потребна негова сателитска, разузнавачка и воена помош.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, минатата недела изјави дека НАТО има право да ѝ помогне на Украина да го зачува сопственото право на самоодбрана, без тоа да го направи НАТО страна во конфликтот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изминатиот викенд изјави дека Киев е благодарен на Вашингтон што му дозволил да ги користи ракетните системи ХИМАРС доставени од САД во регионот на Харков, но оти тоа не е доволно.
Украина долго време тврди дека ограничувањата на начинот на кој може да користи оружје испорачано од Запад сериозно ја ограничуваат нејзината способност да се брани.
Руските новински агенции го цитираа Рјабков дека обидите на Киев да ги нападне руските радарски системи за рано предупредување ќе бидат спречени и Москва може да одговори асиметрично на таквите чекори.
Извор од киевските разузнавачки служби минатата недела изјави дека украинско беспилотно летало цели на радар со долг дострел длабоко во Русија, кој е дел од рускиот систем за рано предупредување за откривање дали е под нуклеарен напад.