Линкови за пристапност

Ќе помине ли двојната формула на Мицкоски за употреба на името кај грчките власти?


Последните брифинзи од високи претставници на грчката влада се дека ваквите модалитети се неприфатливи и дека се кршење на Преспа
Последните брифинзи од високи претставници на грчката влада се дека ваквите модалитети се неприфатливи и дека се кршење на Преспа

„Мицкоски ќе го употребува уставното име на државата во Собранието“, „Во писмото до спикерот Мицкоски го користи уставното име“ – ова се дел од денешните наслови во грчките медиуми по изјавата на мандатарот Мицкоски, која следеше по поднесувањето на предлог-составот на владата и нејзината програма, дека премиерската заклетва ќе ја даде со уставното име кое ќе го користи и во странство, но не и додека е во земјава.

Тој денеска се дообјаснуваше дека тоа не значи повлекување од позициите од претходниот период и предизборието.

„Мојот став не се промени, како што можете да ме чуете јас цело време зборувам Македонија и ќе продолжам да велам Македонија. Но, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат Уставот и законите, а ние да калкулираме и да имаме двојни стандарди. Тоа што сум го кажал во моите изјави во моите говор дека нема да ја користам придавката, тоа е така и така ќе биде во иднина, зашто тоа е моето елементарно право како јас ќе ја нарекувам мојата татковина, таа е Македонија. Но, како влада мора да ги почитуваме законите и Деловникот – тој е сменет во делот на заклетвата на премиерот и членовите на владата... Јас не можам да имам двојни стандарди..“, рече Мицкоски.

А во вчерашниот настап идниот премиер беше појасен – Северна Македонија за надвор, Македонија за дома.

„Се разбира дека ќе го кажам уставното име на државата, не гледам друг начин како да се каже таа заклетва за да не биде понатаму главна тема. Сакам да ја затворам таа тема... Инаку, како што кажав во минатото, така ќе кажам и во вашата емисија, дека при моите изјави во Македонија, при моите говори, секогаш јас ќе си го користам името Македонија како име на мојата татковина и тука не треба да имаме дилема. Тука немам намера да правам компромиси бидејќи тоа е моето загарантирано човеково право“.

Но, дали оваа формула, која наликува на т.н „двојна“, која како концепт беше на преговарачката маса во екот на преговорите за името во минатото, ќе помине кај грчката страна која порачува дека мора целосно да се почитува Преспанскиот договор и „ерга омнес“ употреба на новото уставното име?

Последните брифинзи од високи претставници на грчката влада се дека ваквите модалитети се неприфатливи и дека се кршење на Преспа.

„Нема да поминат таквите игри“ – велат високи грчки дипломатски извори кои инстираат на анонимност.

Собранието ја закажа седницата за избор на новата влада за в сабота.

На програмата, која на 63 страници ги изнесува приоритетите на новиот владин кабинет, е потпишан Христија Мицкоски како „мандатар за состав на Владата на Република Северна Македонија“.

XS
SM
MD
LG