Линкови за пристапност

Зеленски отфрли билатерален договор меѓу САД и Русија за ставање крај на војната


Украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше за време на брифинг на територија на нуклеарна централа во Украина, 13 февруари 2025 година
Украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше за време на брифинг на територија на нуклеарна централа во Украина, 13 февруари 2025 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави вчера дека неговата земја нема да прифати никаков договор за нејзината судбина одлучен билатерално од Русија и САД за тоа како да се стави крај на тригодишната војна на Москва против Украина, без учество на Киев.

„Ние, како независна земја, едноставно нема да можеме да прифатиме никакви договори без нас“, им рече Зеленски на новинарите додека ја посети нуклеарната централа на пат кон Минхенската безбедносна конференција, каде што планира да се сретне денес со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио.

Американскиот претседател Доналд Трамп разговараше во средата со рускиот претседател Владимир Путин и тие се согласија дека преговорите за завршување на војната треба да започнат веднаш, при што Трамп сугерираше дека тие двајца наскоро би можеле да одржат самит во Саудиска Арабија.

Трамп подоцна разговараше со Зеленски и го информираше за неговите разговори со Путин.

Вчера, Зеленски рече: „Денес е важно сè да не оди според планот на Путин, во кој тој сака да стори сé за неговите преговори да бидат билатерални“ со САД.

Сепак, во средата, Зеленски по разговорот со Трамп рече:

„Ние веруваме дека моќта на Америка е доволна за, заедно со нас, заедно со сите партнери, да ги притисне Русија и Путин кон мир“.

Зеленски рече дека разговарал со полскиот премиер Доналд Туск во четвртокот, велејќи дека „нема преговори со Путин што може да почнат без обединета позиција на Украина, Европа и САД. Нагласив дека Украина мора да преговара од позиција на сила, со силни и сигурни безбедносни гаранции и дека членството во НАТО ќе биде најисплатливо за партнерите“.

„Друга клучна гаранција е сериозната инвестиција во одбранбената индустрија на Украина. Ги предупредив и светските лидери да не им веруваат на тврдењата на Путин дека е подготвен да стави крај на војната“, рече Зеленски.

Трамп вчера на својата платформа на социјалните мрежи рече: „Одлични разговори со Русија и Украина вчера. Добра можност за завршување на таа ужасна, многу крвава војна“.

Телефонскиот разговор на Трамп со Путин дојде откако американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет им кажа на другите шефови за одбрана на НАТО дека целта на Украина за обновување на границите од 2014 година е нереална и дека САД не предвидуваат пристапување на Украина во НАТО, клучниот воен сојуз на Западот, како дел од преговарачкото решавање на руската војна против Украина.

XS
SM
MD
LG