Линкови за пристапност

Израел ја продолжува воената офанзива во Газа


Оваа слика објавена од израелската армија на 1 јули 2024 година покажува главен борбен тенк на израелската Армија кој се движи за време на операциите во појасот Газа
Оваа слика објавена од израелската армија на 1 јули 2024 година покажува главен борбен тенк на израелската Армија кој се движи за време на операциите во појасот Газа

Израелските воени сили вчера ја продолжија воздушната и копнената офанзива во појасот Газа.

Здравствените власти во Газа велат дека телата на петмина Палестинци биле пронајдени по израелски воздушен напад врз куќа во бегалскиот камп Ал-Магази во центарот на Газа, додека властите на болницата во блискиот град Деир ал-Балах објавија дека три лица биле убиени во воздушен напад.

Асошиетед прес соопшти дека едно лице на улицата е убиено, а најмалку шест други се ранети во нападот.

Во меѓувреме, израелски воздушен напад во близина на границата што ги дели Сирија и Либан го уби Мохамед Бараа, сириски бизнисмен со блиски врски со претседателот Башар Асад и неговиот режим.

Извештаите велат дека тој бил убиен додека бил во возило што се движело по автопатот што ги поврзува двете нации.

Овој нафтен тајкун, бил санкциониран од САД поради олеснување на трговијата меѓу режимот на Асад и радикалната група Исламска држава.

Остануваат прашањата за судбината на шефот на воените сили на Хамас, кој беше цел на израелски воздушен напад во саботата.

Локалните здравствени власти соопштија дека најмалку 90 луѓе биле убиени во воздушниот напад на Ал Масави, лоциран на периферијата на Кан Јунис, кој Израел претходно го прогласи за безбедна зона за голем број Палестинци кои биле раселени поради војната.

Израел вели дека нападот бил насочен кон Мохамед Деиф, кој се смета за организатор на нападот на групата на 7 октомври 2023 година во јужен Израел, при што загинаа околу 1.200 луѓе, а беа киднапирани најмалку 250 други, предизвикувајќи ја војната во Газа.

Во израелските воздушни напади и копнени напади загинаа најмалку 38.500 луѓе, а повредени се повеќе од 88.800 други, според Министерството за здравство на Газа.

Египет, Катар и САД работат на постигнување договор за прекин на огнот, но допрва треба да постигнат нов договор кој вклучува прекин на борбите и ослободување на заложниците што ги држи Хамас во Газа.

Белата куќа во понеделникот соопшти дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен и советникот за национална безбедност Џејк Саливан разговарале со нивните израелски колеги за безбедност на состанокот на Стратешката консултативна група САД-Израел.

Покрај дискусиите за спротивставување на заканите на Иран кон Израел, двете страни „разговараа за случувањата во Газа и напредокот кон прекин на огнот и договор за ослободување заложници. Израелската страна ја потврди својата целосна поддршка за договорот како што беше наведен од претседателот Бајден и одобрен од Советот за безбедност на ОН, Г7 и земјите ширум светот“.

Дел од информациите се од Асошиетед прес, Ројтерс, агенцијата Франс-прес

XS
SM
MD
LG