Линкови за пристапност

Ирачките сили презедоа области околу Киркук


Советот за регионална безбедност на Курдистан соопшти дека провладините борци напредуваат јужно од Киркук

Од ирачката војска соопштија дека нивни сили зазеле клучна воздухопловна база северно од градот Киркук, како и контролата врз аеродромот, нафтената компанија и други позиции околу градот.

Безбедносните сили ја презеле контролата врз воздухопловната база К1, од курдските борци по повикот на премиерот Хајдер ал-Абади, провладините сили да „воведат безбедност во Киркук“.

Абади во пораката до нацијата кажа дека има должност да дејствува по референдумот за курдска независност што го опиша како ставање на Ирак „во опасност од поделба“.

„Ние дејствувавме за да ја исполниме нашата уставна должност за проширување на федералната власт, да воведеме безбедност и да го заштитиме националното богатство во овој град, кој сакаме да остане град на мирен соживот за сите Ирачани“, рече тој.

Ирачката државна телевизија објави дека владините сили презеле контролата над „големи области“ во провинцијата Киркук. Курдски официјални претставници го оспорија тврдењето, но рекоа дека ирачките безбедносни сили, поддржани од паравојска, биле вклучени во „голема операција“ која има за цел влез во Киркук и заземање на воздухопловните и нафтените полиња.

Советот за регионална безбедност на Курдистан соопшти дека провладините борци напредуваат јужно од Киркук, за да започнат „напад“ врз курдските сили Пешмерга.

Портпаролот на коалицијата предводена од САД, полковник Рајан Дилон, за Гласот на Америка изјави: „Ние внимателно ја следиме ситуацијата во Киркук и ги повикуваме сите страни да избегнат дополнителни активности кои водат кон ескалација.“ Тој исто така побара да престанат „актите за дестабилизација што го одвлекуваат вниманието“ од борбата против Исламската држава.

Во изјавата на коалицијата се вели дека тие веруваат дека „судирот“ меѓу двете страни е „недоразбирање и дека е ненамерен.“

Тензиите се зголемија откако владата на полуавтономниот курдски регион одржа референдумот за независност. Владата на Абади го отфрли референдумот како незаконски. Истото го сторија Турција и Иран, кои исто така имаат и големо курдско население.

САД рекоа дека на референдумот му недостасува легитимитет и дека поддржуваат „обединет“ Ирак.

Во борба против Исламската држава, САД обезбедија воена опрема и обука за ирачките вооружени сили и за Пешмерга.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG