Се посветува се` поголемо внимание на тоа каков ќе биде односот на Турција со клучните сојузници поради разликите во врска со користењето на воздухопловната база Инџирлик.
Недоразбирањето помеѓу Анкара и Берлин настана по блокирањето на посетата на германските пратеници на нивните војниците кои работат во базата.
„Тоа е легитимно право од германска гледна точка, а тоа не го разбира Анкара“, истакнува поранешниот турски амбасадор Унал Чевикоз, кој сега е претседател на истражувачката организација Центар за политика Анкара. „Јас разбрав дека на средбата во Брисел помеѓу канцеларката Меркел и претседателот Ердоган, темата била сериозно дискутирана“.
Блокирањето на германските пратеници да го посетат Инџирлик уследи по одбивањето на Берлин за екстрадиција на осомничените за обид за државен удар во Турција. Билатералните тензии дополнително се засилија месецов, откако Германија им даде азил на повеќе од 200 турски дипломати и воени лица за кои има потерница од страна на турската влада. Двете страни разговораат за разрешување на ќор-сокакот.
Германија во Инџирлик има распоредено извидувачки авиони, како дел од меѓународните напори во борбата против Исламската држава. Огромната база, која се наоѓа во близина на границата со Сирија и Ирак, се смета за клучна во борбата против џихадистите.
Но, месецов германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел предупреди дека Берлин е подготвен да ги премести своите сили, а на Јордан се гледа како на алтернатива.
„Не дали, туку кога, и тоа кога - ќе се случи многу брзо“, предупредува поранешниот висок турски дипломат Селцен Ајдин.
„Тоа е до нив, ние нема да ги молиме да останат“, кажа турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, велејќи дека заканата за повлекување на Берлин е „уцена“.
Последиците од германско-турскиот спор надодаваат на зголемената загриженост во Вашингтон. Американските сили се главни странски корисници на Инџирлик во војната против Исламската држава, како и користењето на базата како клучен логистички центар.
Анкара се обиде да ја искористи зависноста од базата во спорот со Вашингтон околу воената поддршка на САД за сириската курдска милиција ИПГ, која се бори против Исламската држава. Анкара тврди дека ИПГ е терористичка организација поврзана со ПКК, која се бори против турската држава.
Користењето на Инџирлик од Анкара како аргумент во разговорите со сојузници, особено со Вашингтон, велат аналитичарите, е чин на балансирање-извлекување на максимум отстапки, но да избегнат повлекување.
Турските политичари знаат дека изнаоѓањето на алтернатива за Инџирлик, барем за САД се покажа нереалистично. Аналитичарите укажуваат дека никоја база не може да ја замени Инџирлик, туку алтернатива може да биде комбинацијата од воздухопловни бази кои припаѓаат на полу-автономната регионална влада на Курдистан заедно со мали писти во Сирија кои се под контрола на ИПГ.
(Дориан Џонс)
Facebook Forum