Линкови за пристапност

Започна ослободувањето на Мосул


Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади во понеделникот објави дека неговата нација ќе ја „слави победата обединета“ во време кога армијата започна со офанзива против екстремистите во северниот град Мосул.

„Наскоро ќе бидеме заедно во Мосул, и ќе го развееме знамето на победата, и меѓу нас и вистинските ирачки семејства нема да има место за Исламската држава, “ кажа Абади.

Долго очекуваната кампања е најголема воена операција во Ирак откако американските сили заминаа од земјата пред пет години.

Генерал-потполковникот Стивен Товнсенд , командант на коалицијата раководена од САД која се бори против ИСИС во Ирак и Сирија, беше претпазлив и кажа дека можеби ќе бидат потребни недели или подолг период за да се освои Мосул.

Неколку часа пред да биде објавен почетокот на офанзивата, ирачките сили испуштија илјадници летоци над Мосул, за предупредување на жителите.

Хуманитарните работници велат дека не е јасно што ќе сторат граѓаните на Мосул. Тие ги критикуваа воените стратези затоа што не определиле јасни рути преку кои ќе бидат евакуирани цивилите.

Жителите на Мосул кои биле контактирани преку Скајп и телефон велат дека борците на Исламската држава ги блокирале патиштата и мостовите за влез и излез од градот. Џихадистите ги зајакнале позициите во градот и поставиле мини и експлозиви. Тие ги предупредиле цивилите да не се обидуваат да заминат.

Нападот во Мосул се очекуваше да започне пред неколку недели, но имаше недоразбирање помеѓу коалиционите сили за тоа како ќе се управува со градот и со поширокиот регион на Мосул по ослободувањето, и кој треба да биде вклучен во борбата против Исламската држава. Курдите порано соопштија дека секој територија која ќе биде освоена од курдските сили ќе поостане дел од Курдистан, кое предизвика незадоволство во владата во Багдад која е раководена од шиитите.

XS
SM
MD
LG